Пет години Парада на гордоста во Македонија – Што научивме, што понатаму?

Со доаѓањето на летото, оваа година во Скопје пристигнува и петтата Парада на гордоста – настан кој ја обединува ЛГБТИ+ заедницата и борците за човекови права на заеднички марш за славење на различноста и за промени во системот, кој ќе биде функционален и правичен, за сите. Петтиот јубилеј сведочи за растење на македонското општество, но и за низа попатни предизвици, а доаѓа по година разбранувана од анти-родови движења и во која македонските граѓани беа рангирани меѓу најхомофобичните и најксенофобичните од 24 европски земји. За дел од квир заедницата ваквата статистика е показател дека борбата за права мора да продолжи. Паралелно, дел од неа и натаму се чувствува небезбедно да излезе на улица, а дел смета дека се потребни порадикални случувања, за да има поголем ефект севкупната борба за слобода и еднаквост. Што значи пет години Парада и што научи македонското општество во овие пет години?

Прва Парада на гордоста во Скопје / фото: Радио МОФ

Какви промени донесе Скопје Прајд?

Годинешниот марш под виножитото ќе се случува под слоганот „Спектакуларно непослушни“. Синтагмата, според организаторите, ја симболизира непослушноста во знак на опозиција кон патријархатот и спектакуларноста на пет години одржување на Парадата.

„Она што е најважно за самата заедница е признанието дека ЛГБТИ луѓето постојат, затоа што пред дваесетина години најчест одговор на политичарите околу оваа тема беше дека ‘такви луѓе не постојат кај нас’, ‘тоа е тема и проблем кој кај нас не постои, туку е увезен од запад’ итн“, посочува Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка кој е еден од организаторите на Парадата.

Континуираното организирање на Парадата од 2019 до денес (со исклучок на пандемиската 2020), зазеде свое место во медиумскиот простор. Исто, вели Андоновски, важно е што изгради сојузништво со луѓе, заедници, движења кои ја поддржуваат и охрабруваат заедницата да се застапува себе за менување на правниот систем.

„Со самото тоа што нашите тела се движат и ги заземаат улиците на Скопје на само еден ден, тоа ни дава можност да сме сигурни дека нашите идентитети постојат во ова општество и дека не дозволуваме да бидеме избришани и вратени во нашите 4 ѕидови“, вели за Радио МОФ Ангел Димитриевски, извршен директор на здружението ЕКВАЛИС кое е дел од организацијата на Парадата.

Видливоста: Предност >=< Предизвици

Заземањето на јавниот простор за време на Парадата, според Димитриевски е особено важно за заедницата.

„Ова пред сѐ претставува протест. Протест во којшто истовремено ѝ се дава можност на една многу маргинализирана заедница да биде видлива“, посочува тој.

Симболично, додава активистот, 5 години по ред Парадата преставува и коректив на сѐ она што политичките структури го ветиле, а не го исполниле.

„Место каде што преку нашите политички говори потсетуваме на тоа што е тоа што ѝ треба на заедницата“, истакнува Димитриевски.

Од друга страна, рака под рака со видливоста и потребата од критички став кон донесувачите на одлуки, секогаш се наметнува прашањето за безбедност на Парадата, особено во земји на развој како Македонија.

Нашава држава нема такви проблеми како пример земјите во соседството и е евидентна физичката сигурност на посетителите. Анализа на Радио МОФ покажа дека повеќе квир лица или поддржувачи го надминаа традиционалното прашање „Што ќе кажат комшиите“, иако, сѐ уште во одредена доза кај некои надвиснува и стравот од омраза и нетолеранција, што всушност е и во фокусот на самата Парада – да се охрабрат граѓаните и со марширање и протест да се надминат таквите општествени стигми.

Гледиштето на активистите од Социјалниот центар Дуња, како долгогодишни борци за човекови права и колектив кој не е дел од организацијата на парадата, е дека стравот се должи на големата видливост на парадата – на слики или во медиумите.

„Тоа чувство на небезбедност произлегува од подлабоки проблеми во нашето општество и општата доминантност на патријархатот во регионот“, велат оттаму.

Фото: Радио МОФ

Сепак, уште од првата година, секоја Парада како еден од најпосетените јавни настани во Скопје, е обезбедена од полициските сили, а особено важно е што, како што посочува и Андоновски, сето тоа никогаш не изгледа како „воена зона“.

„Годинава исто така имаме одлична комуникација и соработка во подготвителниот период и очекуваме уште едно, петто јубилејно, безбедено издание на Скопје Прајд“, вели активистот од ЛГБТИ Центарот за поддршка.

Во текот на вчерашниот ден, организаторите имаа средба и со претседателката на државата, што според нив е уште една порака за поддршка.

Анти-родовиот замав врз заедницата

Во македонската јавност се активни граѓански движења и организации кои се против промена на законот за родова еднаквост и законот за матична евиденција што треба да овозможи правно признавање на родот. Минатата година кога требаше да се изгласа предлог законот за родова еднаквост и измените во законот за матична евиденција против тоа се обединија религиозните заедници во државава.

Македонската православна црква поддржана од Исламската верска заедница неколку дена по четвртата скопска парада на гордоста, одржа голем протест пред Соборниот храм во Скопје, а против гласањето на законските измени.

Анти-родовиот наратив годинава влезе и во академската сцена. Македонската Медицинска Студентска Асоцијација во април го закажа па го откажа предавањето „Патот на Транзицирање“ за информирање на трансполовите операции достапни во земјава и техниката на нивно изведување. Кредитот за ова го зеде неформалната група Коалиција за заштита на децата од каде кажаа дека предавањето е откажано по нивната јавна реакција до Медицинскиот факултет.

Ваквите групи и организации се јавуваат непосредно пред и по Прајдот и, велат активистите, се доживуваат како закана за ЛГБТИ+ заедницата.

„Особено нивните тактики на многу гласно ‘врескање’ и заплашување имаат за цел и носат опасност од повторно враќање кон невидливоста и наместо намалување – зголемување на стигмата и насилството“, потенцира Кочо Андоновски.

Тој нагласува дека ваквите движења користат наративи како „заштита на децата“, а всушност тие се оние кои им ги намалуваат шансите за исполнет и среќен живот на најголемиот дел од децата.

„Потребно е цврсто и силно оваа држава да им се спротистави на анти-родовите движња и да ги третира како движења коишто и задаваат безбедносна закана на оваа држава. Ова во суштина се анти-демократски движења коишто повикуваат на смрт и целосно бришење на ЛГБТИК+ заедницата“, нагласува Ангел Димитриевски.

Фото: Радио МОФ

Борба за права или слобода?

Активистите кои со години ја организираат парадата велат дека во правната рамка е постигната основната заштита од дискриминација, но патот до целта е долг.

„Нашата цел е фактичка еднаквост“, вели Андоновски.

Димитриевски ја нагласува потребата да се продолжи со донесување на инклузивни законски рамки кои ќе им овозможат пристап до права на најранливите членови на оваа заедница.

„Права како што е законот за матична евиденција којшто ќе им помогне на трансродовите луѓе да имаат документи што одговараат на нивниот родов идентитет и со чијашто помош ќе не мора да докажуваат кои се кога ќе одат во банка, на лекар, на граница, каде што најчесто доживуваат не само ускратување на нивните права, туку и јавни понижувања пред другите сограѓани“, потенцира тој.

Паралелно, СЦ Дуња борбата на квир луѓето не ја гледа како борба за права, туку како борба за слобода. Според нив, ЛГБТИ+ лицата треба да уживаат исти права како и сите други граѓани, а притоа борбата мора да се води паралелно и за работниците, жените, за Ромската заедница…

„Зошто да треба ние како квир луѓе да молиме една нефункционална држава предводена од крвничка и себебендисана владеачка класа, која самата е должна на нејзините газди од империјалистичкото јадро? Борбата за права е алатка на системот за да ни ја сотре креативноста, да не онеспособи да размислуваме рационално и трезно. Истовремено, правната држава која треба да ги оспособи овие права, како дел капиталистичко-патријархалниот систем, ги создава условите за поделбите во нашето општество и ги уназадува и сузбива сите обиди да се адресираат истите. Затоа, борбата на квир луѓето не е борба за права, туку за слобода – исто како и на сите угнетени животи на овој прекрасен свет“, велат од колективот.

Фото: Радио МОФ

Потреба од порадикален пристап?

Од СЦ Дуња велат дека од изминатите пет години може да се извлечат многу лекции како тоа дека заедницата не смее да се задоволи со, како што велат, минималното и со релативната удобност.

„Без разлика кои победи за ЛГБТИ+ заедницата се извојувани преку системот, тие нема да се доволни и, како што сега ќе стане очигледно, тие се минливи. Сите ние треба да размислиме сега што може да придонесеме за, прво, овие лекции да не се заборават и, второ, како да се самоорганизираме и да не бидеме зависни од ‘парламентарната демократија’“, наведуваат оттаму.

За време на Парадата лани, колективот истакна транспарент „Против капиталистичка парада, против христо-фашизмот“. Целта, велат за Радио МОФ, им била да се оформи радикален блок кој би целел да постигне нешто повеќе од само видливост на заедницата.

„Нашето разбирање е дека голем дел од квир луѓето во Македонија (од кои и ние сме дел) сметаат дека е потребно нешто повеќе и нешто порадикално. Истовремено, сосема разбираме дека голем дел од оние кои се вклучени во организирањето на парадата не се во позиција да ги искажуваат овие ставови поради големата поддршка која парадата ја добива од самите системски актери“, посочуваат од СЦ Дуња.

Фото: СЦ Дуња / Фејсбук

Транспарентот, велат активистите, го идентификува конформитетот и удобноста во капитализмот и подемот на клерофашизмот – како два главни проблеми со кои квир заедницата ќе се соочува во блиската иднина.

„Искуството од ланската парада ни докажа дека има заинтересираност за порадикален начин на согледување на нештата, иако имаше и несогласувања. Нашата цел воопшто не беше да ја навредиме квир заедницата, и не веруваме дека тоа беше ефектот, туку да започнеме еден процес на радикално размислување и на проширување на хоризонтот на сé тоа што е можно“, нагласуваат оттаму.

Што понатаму?

Димитриевски смета дека покрај менување на законските регулативи, крајно потребно е општеството да ги хуманизира животите на квир лицата.

„Луѓето да не се плашат од ЛГБТИ+ луѓето и да читаме истражување во коишто речиси 80% од граѓаните во оваа држава не сакаат да имаат сосед којшто е геј. Ова е можно само преку давање простор на ЛГБТИК+ луѓето да се присутни во јавниот простор, да се работи на дијалог и едуцирање на заедниците кон прифаќање. Фасцинантно е колку луѓе всушност кога ќе ги слушнат нашите приказни разбираат дека ЛГБТИ+ луѓето не се плашила, туку обични луѓе коишто бараат свое место во општеството. Но за луѓето да ги слушнат овие приказни ни треба простор: во медиумите, образованието, културата и политичкиот живот“, алармира тој.

СЦ Дуња пак инсистира дека борбата на ЛГБТИ+ е за слобода за која е потребно самоорганизирање на заедницата без зависење од системот.

„Да се организираме на демократски начин, без огромен дел од заедницата да биде исклучена од одлучувачкиот процес. Потребно е да се солидаризираме со сите оние кои се угнетени од капиталот и да направиме чекор понатаму, да го разбереме коренот на експлоатацијата на човекот и планетата и да ја разградиме логиката на овој систем базиран на доминација“, велат од колективот.

Ангела Бошкоска