„Спектакуларно неспослушни“ – Парада на гордоста на 22 јуни во Скопје

На 22 јуни во паркот „Жена борец“ во Скопје ќе се одржи петтата Парада на гордоста под слоганот „Спектакуларно неспослушни“.

Како што најавуваат организаторите, рутата ќе биде иста како и изминатите години и се очекува да биде обезбедено високо ниво на безбедност

„Очекуваме дека и оваа година ќе биде обезбедено тоа ниво на безбедност, како и во минатите години. Сега се наоѓаме во една деликатна ситуација бидејќи се’ уште официјално не се завршени изборите, затоа што имаше прегласување на неколку места, а Државната изборна комисија се’ уште не излегла со крајните резултати  од изборите и поради тоа се’ уште немаме официјална комуникација со Министерството за внатрешни работи за да ги започнеме подготовките околу Парадата на гордоста од безбедносен аспект. Тоа ќе го сториме кога официјално ќе бидат завршени изборите, но сметам дека и новата владејачка гарнитура ќе сака да покаже дека оваа држава има демократски капацитети, бидејќи успешноста на една Парада на гордоста зборува токму за тоа какви се демократските капацитети на државата и колку институциите ги почитуваат правата на сите граѓани, па и на оние кои што не се мнозинство“, порача Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права.

Програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка Кочо Андоновски на денешната прес – конференција рече дека очекува годинешната Парада да биде еден од најдобрите и најпосетените настани.

„Непослушни затоа што сакаме да ја реафирмираме таа наша опозиција на патријахатот кој не’ владее доста векови. Спектакуларно како едно обележје на самата заедница која е забележителна и како одбележување на јубилејот на петти Прајд.  Дури и „Њујорк тајмс“ објави фотографии на првата Парада на гордоста во Скопје и ништо помалку спектакуларно не очекуваме и за овој Прајд. Тој ќе биде еден од најдобрите  и најпосетените настани во Скопје како и претходните години“, рече Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центар за поддршка и додаде дека говорот на омраза што ескалира после најавата на Парадата само докажува колку има потреба од одржувањето на Скопје Прајд.

Според извршниот директор на ЕКВАЛИС Ангел Димитриевски, ова а само еден ден од целата година кога ЛГБТИ луѓето можат да бидат видливи, свои и автентични.

„Ова е заедница која не по своја желба е притиснета најчесто во свои приватни простори, во домот, во семејството, и да ги чува своите животи во тие приватни простори и дури и таму кога сме во тие приватни простори, ги доживуваме најекстремните форми на насилство. Кога една заедница се соочува со насилство во приватниот простор каде што е приморена да биде втурнета, тогаш значи дека нашето општество треба радикално да се промени. За ЛГБТИ заедницата концептот на послушност е и политички концепт, затоа што често пати кога оваа заедница ги барала своите права, тоа било обележано како некаков каприц или како претерана желба за вниманите“, додаде Димитриевски на прес-конференцијата.

Тој додаде дека желбата да се живее достоинствено и еднакво не е никакво каприц, туку е само барање за еднакво место во ова општество кое што им припаѓа на сите други граѓани.

„ЛГБТИ луѓето го бараат токму тоа, да можат да се свои, да се автентични, да се движат во јавниот простор, да учествуваат во политичкиот живот, наместо постојано да се втурнуваат во своите четири ѕидови. Нашиот концепт за еднаквост, доколку е спорен за заедницата, тогаш да, во тој случај одбираме да бидеме непослушни. Ќе се бориме за иднина која е генерално позитивна за нас, а тоа ни го докажува токму овој настан кој во изминативе пет години е се повеќе посетен и за наша среќа е повеќе посетен од млади луѓе“, рече Димитриевски.