Англиканската црква се извини за односот кон ЛГБТ луѓето

Англиканска црква денеска официјално се извини за односот кон ЛГБТ луѓето, иако на истополовите парови сепак нема да им биде дозволено да се венчаат во нејзините цркви.

Извинувањето од црковните бискупи дојде во извештајот по петгодишната дебата за ставот на црквата за сексуалноста. Извештајот ќе биде доставен до црковното национално собрание, Генералниот синод, кој ќе се состане во Лондон следниот месец.

„Сакаме да се извиниме за начинот на кој англиканската црква ги третираше ЛГБТ луѓето, и оние кои се молат во нашите цркви и оние кои не се молат. Длабоко ни е жал за целото време кога ве отфрливме или исклучивме, и вас и оние кои што ги сакате. Приликите во кои добивте непријателски и хомофобичен одговор во нашите цркви се срамни и жалиме поради тоа“, се вели во соопштението на бискупите.

Без разлика, ставот на англиканската црква останува дека бракот е дозволен само за заедница меѓу еден маж и една жена.

Црквата предложи на истополовите парови да им се понуди можност да имаат црковна служба со молитви за посветување, благодарност или за Божји благослов откако ќе имаат граѓанска венчавка или ќе се регистрираат како граѓански партнери.

Истополовите бракови се легални во Англија и Велс од 2013 година, но црквата не го промени своето учење кога се промени законот.