Прва пресуда во Македонија за говор на омраза кон ЛГБТИ+ лицата на социјалните мрежи

Основниот суд во Неготино, по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Кавадарци, а по кривична пријава од Квир Центар донесе пресуда – условна казна затвор од една година против лицето С.М. од општина Демир Капија за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

„Обвинетиот, во јули минатата година, на социјалната мрежа Фејсбук под споделена медиумска содржина има напишано два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, во кои се повикува на насилство кон оваа маргинализирана група“, соопштуваат од Квир Центар.

Одлуката е донесена на 15 март, според член 394-г став 1 од Кривичниот законик. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.

„Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа“, велат од организацијата наменета за обезбедување поддршка и застапување на ЛГБТИ+ заедницата во Македонија.

Според Кривичниот законик, за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем предвидена е казна затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително и врз основа на припадност на маргинализирана група.

„Скопскиот Квир Центар ја поздравува одлуката на судот кој демонстрираше дека ги сфаќа сериозно поттикнувањето насилство и креирање загрозувачка средина за ЛГБТИ+ луѓето. Говорот на омраза поттикнува сторување дела од омраза, па Квир Центар смета дека оваа осудителна пресуда е значајна победа во нашите напори да креираме безбедно опкружување за сите граѓани, без разлика на тоа поради кон основ или нивна различност ќе бидат мета на говор на омраза или дела од омраза“, истакнуваат оттаму.