[Подкаст] Како Македонија стана европски шампион во хомофобија, ксенофобија и теории на заговор

Македонските граѓани се меѓу најхомофобичните и најксенофобичните во Европа, а истовремено и меѓу најрелигиозните. Имаат силни авторитарни ставови, не им веруваат во институциите, но не се ниту нешто посебно заинтересирани да учествуваат во демократските процеси за да ги променат работите. Подложни се на теории на заговор, се сомневаат во науката и сметаат дека живеат во држава со лошо образование, лоша економија и лоши политичари.

Ова го покажуваат податоците од неодамна објавеното Европско општествено истражување, во кое за првпат учествуваше и Македонија. Станува збор за голема компаративна анкета која се спроведува повеќе од 20 години во Европа. Последниот бран од истражувањето беше спроведено на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје, преку теренска анкета на примерок од 1.429 испитаници. Во последното истражување ставовите на македонските граѓани се споредуваат со ставовите на 24 европски држави.

Подкастот Мегафон на оваа тема можете да го слушнете на линкот во продолжение:

Иако како држава често знаеме да се пофалиме дека сме посебно кроток, топол и гостопримлив народ, токму во тие сфери македонските граѓани покажале најлоши резултати на истражувањето.

На пример, на прашањето „Доколку близок член на семејството е геј маж или лезбејка, јас би се чувствувал/а засрамен/а“ дури 61% од македонските граѓани одговориле потврдно, што е најмногу од сите европски држави вклучени во истражувањето.

Дополнително, само 24% од анкетираните се согласиле со тврдењето дека „Геј мажите и лезбејките треба да имаат слобода да го живеат својот живот како што сакаат“, што повторно е најниско во Европа и далеку под развиените држави од Западот каде овој процент е преку 80.

Професорката Анета Цекиќ, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, која е и национална координаторка на истражувањето, причината за овие резултати ја лоцира во конзервативноста на македонското општество.

„Имаме исто така доста негативен став и кон абортусот, на пример, релативно негативен став кај некои категории испитаници и кон жените, меѓутоа факт е дека најекстремниот или најнегативниот став е насочен кон оваа (ЛГБТ) популација, можам да кажам и традиционално веќе“, вели таа.

Македонија стои многу лошо и по прашањата поврзани со миграцијата и странците. Македонија е рангирана на последното место со најнегативен став на прашањето „Дали сметате дека во целина е лошо или добро за економијата кога луѓе од други земји доаѓаат да живеат овде“, а исто така има најголем процент на граѓани кои сметаат дека не треба да се дозволи влез во земјата на луѓе од друга раса или етничка група (41,3% сметаат дека воопшто не треба да се дозволи влез), што ја става земјава во група на држави со Унгарија, Чешка, Грција и Словачка кои исто така имаат прилично непријателско расположение кон мигрантите.

„Во услови кога населението живее во релативно висока сиромаштија, како што е нашата. Кога живее во политичка нестабилност, неизвесност, конфликтност, корумпираност и проблематично општество, познато е во општествените науки дека во таков контекст ставовите на граѓаните имаат тенденција да бидат и поавторитарни и граѓаните да имаат негативни чувства кон различни групи – странци, надворешни луѓе, луѓе кои се разликуваат од традициите и навиките на тоа население“, напоменува Цекиќ.

Недоверба во институции и во луѓето

Истражувањето покажува и дека граѓаните имаат прилично лошо мислење за образованието, здравството и економијата и имаат ниска доверба во демократските институции. Истовремено, македонските граѓани, најмногу од сите држави вклучени во истражувањето, воопшто не ги интересира политиката (43,6% од испитаниците).

Дополнително македонските граѓани се меѓу земјите кои имаат најголем сомнеж кон луѓето и во најголем процент (22,3%) сметаат дека секогаш треба да се биде претпазлив со другите луѓе.

Одговори на прашањето за доверба во луѓето од 0 (треба да се биде претпазлив) до 10 (на најголемиот број луѓе може да им се верува)

Губитници од глобализацијата

Иако научниците имаат најголема доверба меѓу другите институции во Македонија, таа сепак е најмала во споредба со европските држави. Ова некако се поклопува и со големиот број ставови кај македонските граѓани кои веруваат во популарни теории на заговор. На пример, дури 59% од анкетираните се согласиле со тврдењето „Мала тајна група луѓе ги носи сите главни одлуки во светската политика“, а речиси половина од испитаниците сметаат дека „Групи научници манипулираат, измислуваат или прикриваат докази со цел да ја измамат јавноста“.

Професорката Цекиќ потенцира дека ова е едно од најактуелните прашања на кои истражувачите и научниците се обидуваат да одговорат. Едно од објаснувањата за ваквите резултати се лошите услови во општествата, како сиромаштија, невработеност, неефикасност на институциите, кои развиваат сомнежи кај граѓаните.

„Најчесто луѓе кои веруваат во теории на заговор, што е утврдено од претходни истражувања, се луѓе кои се губитници од глобализацијата и модерниот начин на живот и модерното општество кое е екстремно комплексно. Луѓе кои ги немаат искуствата на онаа глобална, може да се каже и капиталистичка елита, која има искуство со патувања, со интернализација. Луѓето кои во своето секојдневно живеење искусуваат вакви искуства на ограниченост на базичните свои потреби и права едноставно развиваат сомнеж за тоа како функционира системот. Не само националниот, туку и светскиот“, вели таа.

Европското општествено истражување е и едно од ретките вакви компаративни истражувања во кои е вклучена Македонија кои ги испитуваат ставовите за климатските промени. Иако македонските граѓани изразиле загриженост за климатските промени во рамки на европскиот просек, тие сепак далеку помалку од европските граѓани прифаќаат лична одговорност за намалување на климатските промени.

Истовремено македонските граѓани многу повеќе од европскиот просек веруваат дека климатските промени се природни процеси, отколку предизвикани од човечки активности.

„Најважно е децата да бидат послушни и да почитуваат авторитети“

Истражувањето покажува и еден силен авторитарен систем на вредности кај македонските граѓани. Дури 84% од граѓаните сметаат дека „Послушноста и почитувањето на авторитети се најважните вредности кои децата треба да ги научат“, што е највисок процент од сите држави вклучени во истражувањето. Дополнително, повеќе од третина од испитаниците сметаат дека тоа што најмногу и е потребно на земјата е лојалност кон лидерите.

Одговори на прашањето „Послушноста и почитувањето на авторитети се најважните вредности кои децата треба да ги научат“

Додека на другите прашања младите од 15 до 29 година покажуваат нешто полиберални ставови и мислења, на прашањето „тоа што најмногу ѝ е потребно на земјата е лојалност кон лидерите“ младите имале повисок процент од просекот (42,6%).

„Тоа е голем аларм и за државните институции и за образовниот систем, бидејќи авторитарноста е еден од најголемите проблеми ако сакаме да постигнеме цел – да живееме во една демократски управувана земја“, посочува Цекиќ.

Македонија ќе го пропушти следното европско општествено истражување

Овој циклус од европското општествено истражување беше прв во кој учествува Македонија, а веќе следниот 11-ти циклус ќе го пропушти поради тоа што Министерството за образование и наука не одвоило пари за учество во истражувањето.

Според професорката Цекиќ важноста на ова истражување е следење на трендовите и промените низ времето, па токму затоа е битно редовно да се учествува во ваквите големи меѓународни студии.

„Се надеваме дека ќе се вратиме во 12-тиот бран, кој ќе биде за околу 3-4 години и дека Министерството ќе ги одобри потребните финансиски средства. Факт е дека науката во земјава не се финансира, особено истражувањата кои треба да се спроведуваат во научните институти, кои се формирани со таа цел, и се речиси непостоечки. Ова може да го лоцираме некаде 2006-2008 година, кога програмата за наука, која беше во рамки на Министерството за образование и наука, беше прекината од тогашната Влада. И оттогаш таа програма, по која се вршеа истражувања со децении наназад и овде во Институтот, кај нас е непостоечка во последните 15 години“, објаснува таа.

Повеќе детали од обработените податоци, систематизирани по области, како и упатство за користење на податоците од европското општествено истражување, може да најдете на следниов ЛИНК.

Даниел Евросимоски