Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, прочитај го нашиот избор на топ вести од образование, култура, граѓанско општество, политика, животна средина…

Што ги одбележа минатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. КСЗД ќе поднесе тужба од јавен интерес за бесплатен јавен превоз на студентите од приватните факултети

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ќе поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (Actio popularis) за остварување на правото на бесплатен јавен превоз за сите студенти од приватните универзитети.

Од КСЗД за Радио МОФ информираа дека одлучиле да поднесат и барање за прекршочна постапка против градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, заради неисполнување на препораките на Комисијата, дадени по утврдената дискриминација кон двајца подносители, редовни студенти на приватен универзитет, за користење бесплатен градски превоз, на еднаква основа како и студентите од државните универзитети.

КСЗД ќе поднесе тужба од јавен интерес за бесплатен јавен превоз на студентите од приватните факултети

2. Вејповите за еднократна употреба сѐ подостапни, но тешко се рециклираат

„Користам вејп за еднократна употреба затоа што ме мамат различните вкусови, а и полесно ми е да ги пушам во однос на обични цигари. Има пријатен мирис и вкус и плус не ми треба пепелник или запалка за да користам вејп“.

Ова се некои од одговорите што ни ги дадоа млади кои ги прашавме зошто консумираат вејп цигари. Вејповите, како електронски цигари за еднократна употреба кај нас пристигнаа пред неколку години, а се особено популарни кај помладата генерација, но неретко може да се забележи и дека ги пушат луѓе од сите возрасти.

Тие се достапни речиси во секоја поголема продавница или во трафики каде се купуваат обични и други видови електронски цигари. Вејповите за еднократна употреба нудат неколку стотици вовлекувања, во зависност од цената, и може да се најдат во различни бои, со најразлични вкусови.

Вејповите за еднократна употреба сѐ подостапни, но тешко се рециклираат

3. И оваа година македонските универзитети ги нема меѓу најдобрите 1.000 на Шангајската листа

Ниту еден македонски универзитет не се најде меѓу најдобрите 1.000 високообразовни институции на новото Академското рангирање на универзитетите во светот, познато како Шангајска листа.

Највисоко на Шангајската листа се рангираат универзитетите „Харвард“, „Стенфорд“ и „МИТ“.

И оваа година македонските универзитети ги нема меѓу најдобрите 1.000 на Шангајската листа

4. #НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Бојан Прцуловски

Прцуловски е графички дизјанер, во слободно време чита сај-фај книги и фотографира.

„Поголемиот дел сликам со мојот телефон (Xiaomi Redmi Note 10 Pro) и понекогаш со камера (Olympus E500). Обожавам да правам неконвенционални фотографии. Моите фотографии се спонтани, непланирани и често случајни“,

Вели дека не сака да ги следи правилата за фотографирање, туку дека повеќе сака кога експериментира.

#НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Бојан Прцуловски

5. „Домаќинство за почетници“ на Столевски ќе го отвори „Браќа Манаки“, Питер Бижу и Лабина Митевска ги добија главните награди

Годинешното 44. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе го отвори новиот филм на Горан Столевски, „Домаќинство за почетници“. Проекцијата и отворањето на фестивалот ќе се одржат на 23 септември во Битола.

По светската премиера на филмскиот фестивал во Венеција, филмот „Домаќинство за почетници“, македонската ќе ја има на Фестивалот „Браќа Манаки“.

Оскаровецот Питер Бижу е добитник на наградата за животен опус Златна камера 300, а Лабина Митевска е лауреат на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, соопштија од Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

„Домаќинство за почетници“ на Столевски ќе го отвори „Браќа Манаки“, Питер Бижу и Лабина Митевска ги добија главните награди