КСЗД ќе поднесе тужба од јавен интерес за бесплатен јавен превоз на студентите од приватните факултети

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ќе поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (Actio popularis) за остварување на правото на бесплатен јавен превоз за сите студенти од приватните универзитети.

Од КСЗД за Радио МОФ информираа дека одлучиле да поднесат и барање за прекршочна постапка против градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, заради неисполнување на препораките на Комисијата, дадени по утврдената дискриминација кон двајца подносители, редовни студенти на приватен универзитет, за користење бесплатен градски превоз, на еднаква основа како и студентите од државните универзитети.

Радио МОФ за ова се обрати и до Град Скопје, но оттаму повеќе од месец не одговараат на нашите прашања за тоа како би постапиле за да се реши ситуацијата со обезбедување на правото на бесплатен јавен превоз на студентите од приватните факултети.

Откако ја следиме темата, одговори нема ни од Министерството за образование и наука, додека од Владата пред неколку месеци ни изјавија дека ако некогаш донесат одлука за доделување средства на ЈСП за обезбедување бесплатен јавен превоз на студентите од приватните универзитети, дека „јавноста ќе биде навремено информирана“.

Најавата за тужба и барањето за прекршочна постапка, доаѓа откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во мај годинава утврди продолжена дискриминација врз студентите од приватните универзитети извршена од Град Скопје во процесот за користење на правото на бесплатен јавен превоз.

Во донесеното мислење, КСЗД ѝ препорача на градоначалничката Арсовска во рок од 60 дена да иницира измени и дополнувања на Одлуката за давање на субвенција на ЈСП Скопје со кои ќе се утврди правото на бесплатен превоз и на студентите запишани на приватните универзитети. Покрај тоа, Комисијата препорача и до Град Скопје во рок 30 дена да обезбеди јавен превоз за студентката – подносител на претставката и за тоа да писмено да ја извести Комисијата.

Инаку, јавната тужба, односно Actio popularis, според членот 35 од Законот, може да ја поднесат здруженија, фондации, синдикати или други организации од граѓанското општество и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица.

Град Скопје не обезбеди бесплатен јавен превоз за студентка од приватен факултет како што препорача КСЗД

Ангела Бошкоска