Јавниот превоз сè уште луксуз за студентите на приватните универзитети во Скопје

Студентите во земјава се еднакви кога треба да аплицираат за субвенциониран оброк и стипендија или за место во студентските домови. Сепак, оние кои студираат на приватните универзитети не може бесплатно да се возат во градски автобус како нивните колеги од државните универзитети.

Вака Мила Петрушевска, претседателката на првото студентско собрание при Американскиот универзитет на Европа – ФОН, го опишува статусот што долго време го имаат студентите на приватните универзитети во главниот град.

„Тука се работи за продолжена дискриминација бидејќи се случува со години наназад, и тоа дискриминација врз основа на образовен статус – само поради тоа што сме студенти на приватен факултет. Во законските норми, никаде не е предвидена поделба на студентите бидејќи статусот на студент – е студент“, ни изјави таа.

Нова на функцијата, Петрушевска вели дека користењето на бесплатните услуги на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) е нужна потреба за нејзините колеги од приватните универзитети кои со години наназад се трудат да го добијат.

„Како ново формирано тело за прв пат во рамки на ФОН, ние како собрание реагиравме за овој проблем повикувајќи ги на средба надлежните од ЈСП како би дошле до солуција. Но, од страна на директорот бевме одбиени за средба, а камоли можност да поразговараме. Оттаму се со став дека на нас студентите од приватните факултети не би ни претставувало проблем да плаќаме месечна карта и тоа го кажуваат со намонтирана конфузна нота зошто воопшто се буниме. Наредниот чекор ни беше да се обратиме кај Народниот Правобранител, каде што наидовме повторно на одбивање од нивната институција“, додава Петрушевска.

Нееднаков третман и на суд

Во 2017 година, Марија Којчевска, Елена Дамчевска и Сандра Цакиќ, тогаш студентки на 3-та година на Факултетот за правни науки при Универзитетот Американ колеџ – Скопје во обид да го добијат правото за бесплатен градски превоз како студенти на приватен универзитет се обратиле до Уставниот суд на Република Северна Македонија. Нивната иницијатива била да се поведе постапка за одлуката на Советот на Град Скопје според која се доделуваат субвенции на ЈСП за бесплатен јавен превоз само за редовните студенти на државните универзитети.

Уставниот суд тогаш донел решение за поведување на оваа постапка, односно, како што е наведено, ваквата одлука на Град Скопје нема уставна основаност бидејќи студентите на универзитетите во Градот ги третира со нееднаков третман.

Сепак, во 2017 немало мнозинство на судии да се усвои решението, па следата седница се преместила за 2018 година. До оваа седница, одржана на 24 јануари, 2018 година Одлуката на Град Скопје за доделување субвенции на ЈСП престанала да важи, по што  Уставниот суд повеќе не наоѓал основи за оценување и оттука одлучил да ја запре постапката.

Петрушевска, запознаена со оваа ситуација вели дека на надлежните и властите не им е грижа за нивните потреби како студенти, па според неа, тоа што им останува е да се обидат повторно.

„Како што можевме да видиме и по решението на Уставен суд уште во 2017 година не произлегло правно дејство од истото бидејќи немало мнозинство гласови каде што повторно наидуваме на сегрегација. Сепак, досега во пракса сме виделе дека додека не се дигне гласот на младите и не направиме притисок, на некој начин, на никој од надлежните и властите нема да му падне на памет за нашите потреби, и права пред се, како млади луѓе- студенти. Единствено решение е повторно да вложиме напори да се обидеме наредната година која ни следи како крајна алтернатива – Уставниот суд“, смета студентската лидерка.

Фото: Фејсбук страна на АУЕ ФОН

Со блокиран буџет, промена веројатно од следната година

Во одлуката на Советот на Град Скопје за ребаланс на буџетот, усвоена на 30 јуни годинава стои дека субвенциите што ги доделува на ЈСП – Скопје се наменети за бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети.

Радио МОФ разговараше со советникот од Зелен Хуман Град (ЗХГ), Горјан Јовановски кој рече дека во моментов буџетот е блокиран и 99% нема шанси да се промени таа состојба, но можеби следната година точката за субвенционирање на ЈСП и за приватните универзитети ќе дојде на дневен ред на Советот.

„Сега, дури и да не беше блокиран буџетот, нема логика да се носи одлука бидејќи сме пред крај на буџетска година. За следната година сигурно ќе има некоја ставка со која ќе продолжи процесот, но доколку тие средства дојдат од Владата ќе биде многу тешко да се направи нивна пренамена за студентите од приватните универзитети“, забележа Јовановски и додаде дека Градот Скопје зависи од Министерството за образование и наука (МОН), односно дека МОН треба да ги пренамени дотациите пред да ги префрли на Град Скопје.

Доколку студентите сега поднесат иницијатива до Уставниот суд за поведување постапка против одлуката на Советот на Град Скопје, и доколку за неа се реши да се поведе постапка, до следната седница, како и претходниот пример, можно е таа да истече и да излезе од правна сила.

Правдата е бавна, но не и недостижна 

Претседателката ги охрабрува своите колеги да не губат надеж и заедно да се борат за нивните права.

„На моите колеги и колешки, студентите како и на мојот Универзитет каде студирам – ФОН така и од другите приватни факултети, сакам да им порачам да не губат надеж бидејќи правдата е понекогаш бавна, но не и недостижна. На крајот и да нема позитивни резултати во наша корист, ќе е само уште една во низа пирова победа во која студентите од приватните факултети секогаш и покрај сите дискриминации и стереотипи, сведок сум и жив пример за тоа дека секогаш продолжуваме со подигната глава, покрај сè, да ја исправиме таа искривена слика за нас“, рече Петрушевска.

Студентите на приватните универзитети уште од основањето на институцијата го немаат правото за бесплатен јавен превоз. Радио МОФ и претходно пишуваше за ова, кога од Град Скопје ни изјавија дека субвенциите од државниот буџет важат само за студентите каде државата е основач, а не и за приватни универзитети, но и дека сепак главната одлука за тоа ја носи Министерството за образование и наука. Од Министерството пак, ни кажаа дека согласно законските одредби, МОН има надлежност да ги финансира студентите запишани само на државните универзитети.

И во Новата година студентите од приватните универзитети ќе останат без бесплатен градски превоз

Ангела Бошкоска