Шест претстави во конкуренција на 16. Фестивал на античка драма „Стоби“

Во Велешкиот театар од 13-ти до 21 октомври ќе се одржува 16. Фестивал на античка драма „Стоби“ кој го организира Здружението на граѓани ФАД „Стоби“ под покровителство на Општина Велес. Ќе бидат изведени осум претстави од кои шест, од Србија, Бугарија, Казахстан и Македонија, се во конкуренција за наградите.

Фестивалот во петок во 20 часот ќе почне со претставата „Перикле“ на театарот од Шабац, Србија. Наредните денови публиката ќе може да ги види претставите: „Едип Тиранин“ на театарот „Стефан Киров“ од Бугарија; „Ништо без Трифолио“ на Народниот театар од Прилеп; „Шумата на моето дрво“ – проект на „Северно од Импакт“ и Народен театар Велес; „Медеја“ на Казачкиот театар на провинцијата Атирау од Казахстан и претставата „Филоктет/Медеја“ на Народниот театар на Западен Казахстан од Казахстан, која е направена специјално за овој фестивал.

Вон конкуренција на 17 октомври ќе биде изведена претставата „Животот е магичен круг“ на студентите од Универзитетот ЕСРА од Скопје, а на затворањето на 21 октомври Театар Комедија ќе ја изведе претставата „Стјуардеси“.

И годинава претставите ќе се натпреваруваат за една од наградите на фестивалот – Гран-при за најдобра претстава, за најдобра режија и за најдобри машка и женска улога. Ќе ги оценува жири во состав: Ивана Јарчевска, театролог; Деан Дамјановски, режисер; и Кети Борисовска, актер.

Веќе трета година Фестивалот на античка драма „Стоби“ се одржува во затворен простор, во зградата на театарот во Велес, поради реновирањето на античкиот амфитетар во археолошкипот локалитет Стоби.

Претседателот на Здружението ФАД „Стоби“ Зоран Љутков најави дека идното лето фестивалот ќе биде вратен во локалитетот Стоби, каде што се одржуваше  од 2001 до 2013 година.