Шарена револуција: Штанд пред СЈО за самоидентификација на „хулиганите“

Движењето Протестирам постави штанд пред Специјалното јавно обвинителство, каде граѓаните можат да остават свои податоци и да се потпишат како учесници на Шарената револуција. Штандот беше поставен за време на протестот кој и денеска започна во 18 часот пред СЈО.

Потписите се собираат како поддршка на оние што се приведени поради боење државни институции и кои се повикувани на информативен разговор.
„Ние нема да оставиме нашите соборци и соборки да билат на милост и немилост на Чавков, и почнува процес на самоидентификација И јас сум хулиган и јас сум хулиганка“, изјави Павле Богоев, од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Утрово на информативен разговор повикани беа Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет и професорката Мирјана Најчевска, на кои им е одредена казна од 50 евра за боење државни објекти во време на протести.

Најава за кривични пријави и повикани на разговор беа и Ана Кркуљ и Ирена Стеријовска кои се товарат за боење на Триумфалната порта. Нивниот распит утрово во полициската станица „Беко“, беше причина за протестен собир пред станицата со кој граѓаните упатија порака дека нема да бидат заплашени.