СЕММ и ЗНМ ги повикаа медиумите професионално и одговорно да известуваат за Парадата на гордоста

Во пресрет на Парадата на гордоста, што ќе се одржи на 29 јуни во Скопје, Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги повикуваат медиумите да известуваат професионално и одговорно, третирајќи ги темите што ја засегаат ЛГБТ заедницата низ призма на афирмација на човековите права и осудувајќи го говорот на омраза и дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

„Особено апелираме до медиумите да не дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за упатување повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството.

Потсетуваме на Препораката на Советот на Европа од 2010 за борба со дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, според која земјите – членки треба да преземат соодветни мерки за борба против сите феномени на изразување, вклучително и во медиумите и на Интернет, за кои што со право се смета дека ќе имаат ефект на поттикнување, ширење или промовирање на омраза и други форми на дискриминација на ЛГБТ лицата. Таквиот говор на омраза треба да биде забранет и јавно отфрлен секогаш кога ќе се случи“, апелираат од СЕММ и ЗНМ.

Ги потсетуваат медиумите на Декларацијата за етичко и професионално известување за теми поврзани со ЛГБТИ на Коалицијата Маргини, Советот за етика во медиумите, Здружението на новинари на Македонија и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми, чии принципи се следниве:

  1. Нестереотипизирачко известување за ЛГБТИ
  2. Воздржување од и осуда на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет или која било припадност на историски и општествено маргинализирана група
  3. Известување за жртвите на насилство и дискриминација обоено со емпатија и солидарност
  4. Непарцијално известување за активностите на ЛГБТИ заедницата и активистите за човекови права во рамки на целокупната општествена, политичка и културна сфера, почитувајќи ги нивниот личен интегритет, мислење и активности
  5. Вклученост на гласовите и перспективите на ЛГБТИ луѓето и активистите за нивни права, во прилози поврзани со теми кои директно ги засегаат, како и настани и проблеми кои го засегаат целокупното македонско општество
  6. Почитување и имплементација на одлуките и препораките на еснафските, саморегулаторните и регулаторните тела и здруженија поврзани со заштитата и почитувањето на човековите права на ЛГБТИ
  7. Сензитивизација на медиумските работници за известување за теми поврзани со ЛГБТИ и
  8. Соработка со граѓанските здруженија кои се застапуваат за правата на ЛГБТИ, преку размена на информации кои ќе овозможат интегрален и непарцијален приказ на проблемите кои ги засегаат ЛГБТИ.

„Од медиумите, исто така, очекуваме да ги отстрануваат коментарите од посетителите на нивните веб-страници и на социјалните мрежи кои содржат повици за насилство, навреди и говор на омраза за сексуалната ориентација и родовиот идентитет“, стои во заедничкото соопштение.

Апелираат сите регистрирани случаи на кршење на професионалните стандарди во известувањето на медиумите да се пријавуваат до СЕММ, преку пополнување на формуларот на следниот линк: http://semm.mk/komisija-za-zalbi/formular,  како и до Советот на честа при ЗНМ преку пријавата достапна на следниов линк:  http://znm.org.mk/wp-content/uploads/2016/03/Obrazec-za-e-pretstavka.doc.