Се укинува државната матура, учениците нема да се вратат во клупа оваа учебна година

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница усвои сет образовни мерки со кои обезбедуваме непречено функционирање на воспитно – образовниот систем, соопшти министерот за образование Арбер Адеми.

Притоа, се укинува државната матура, училишната матура и завршниот испит за оваа учебна година.

„Сите ќе добијат диплома за завршено средно образование кои ќе имаат важност како дипломите во изминатите години“, истакна министерот кој појасни дека со овие дипломи матурантите ќе можат да конкурираат на факултет, доколку планираат да го продолжат своето образование.

На денешната седница е одлучено учениците од основните и средните училишта дека нема да се враќаат во училишните клупи до крајот на наставната година. Тековната учебна година до крај ќе продолжи да се реализира преку организирање на далечинско учење, односно учење од дома. Исто како и оценувањето.

„Апелирам, сите учесници во образовен процес максимално да се ангажираат и да ги завршуваат обврските, за да дадеме заеднички продонес кон онајн учењето“, рече Адеми.

Уписот на првачињата пак за учебната 2020/2021 година ќе се врши во јуни. За уписите за средношколците засега нема најава за продолжување на рокот, но има најава дека се прават протоколи за уписите заедно со Комисијата за заразни болести.