„Сè што ни е заедничко“ – изложба на 18 уметници за обесправените во општеството

Во Музеј на современа уметност оваа среда ќе биде отворена изложбата насловена „Сè што ни е заедничко“.

Таа ја адресира несигурноста во контекст на различни социјални, политички и културни амбиенти, поврзани со ранливоста и егзинстенцијалната непредвидливост.

„Во состојби на нестабилност, одредени популации и групи, страдаат или се обесправени во нивните општествени констелации и стануваат изложени на симболични и материјални насилства што резултираат со конфликти, транзиции, ограничувања и злоупотреби на трудот, миграции и егзодуси, родови нееднаквости и неправди. Доколку општата несигурност го означува она што сите ние го споделуваме, но, исто така, она што нѐ разликува и нè одвојува од останатите, дали можеме да пронајдеме практики што се насочени кон заедничко добро или да изградиме наша заедничка акција? Следствено, се поставува прашањето за можноста овие дисперзирани неспокојни субјективитети да дејствуваат заеднички“, стои во описот за изложбата.

Во неа учествуваат осумнаесет уметници.

„Проблемите на кои тие се осврнуваат се трагични, тие се состојби на политичка изманипулираност, на социјална потиштеност и исклученост, на културна потчинетост и зависност од низа одлучувачки фактори што сведочат за секојдневното неспокојство“, се вели во поканата за настанот.

Целта на изложбата е да ја поттикнува свеста за општата несигурност, но и мотивирана акција.

Куратори на проектот се Мира Гаќина и Јованка Попова

Учесници во изложбата се: Ана Адамовиќ (Србија), Маја Бајевиќ (Босна и Херцеговина), Жанета Вангели (Македонија), Велимир Жерновски (Македонија), Христина Иваноска (Македонија), Славица Јанешлиева (Македонија), Ѓорѓе Јовановиќ (Македонија), Шејла Камериќ (Босна и Херцеговинa), Албан Муја (Косово), Ахмет Огут (Турција), Мариа Пападимитриу (Грција), Рената Пољак (Хрватска), Анри Сала (Албанија/Франција), Флака Халити (Косово), Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина), Иштван Ист Хузјан (Словенија), Јане Чаловски (Македонија), Билјана Џурџевиќ (Србија).

Настанот се реализира со поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија, Eurolink осигурување, Saint Gobain и Rigips, Stone Design, ОПА фондација, Tikkurila и Big Sound.