Се санираат последиците од невремето во Битола – граѓаните да пријават ако се оштетени

Битола синоќа ја зафати силно невреме со обилни врнежи од дожд. Во рок од 15 минути заврнаа 36 литри на метар квадратен. Поплавени се куќи, станови и установи.

Јавните претпријатија, вклучително и пожарната делуваа на терен и во текот на целата ноќ се расчистуваа критичните точки, а денес се дезинфицираа.

Интервенциите се одвиваа во населбите Карпош, Јени Маале, на влезот во Битола М5 кај бензинската станица на „Лук Оил“, кружниот тек на Дулие, Горно Оризари, кај училиштето „Тодор Ангелевски“, на ул. „Дебарска“ во населбата Баир и на други локации по повик на граѓаните.

Општината на својата веб страница објави повик до граѓаните кои што претрпеле штети да достават барање, а по комисискиот увид да им се даде одредена помош.