Се одбележува Светскиот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија

Со доделување награда на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лица, но и истакнување знаме во боите на виножитото од страна на Амбасадата на Холандија, во земјава се одбележува Светскиот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија.

Собранието на Р.С. Македонија на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лица и додели награда за поддржувач на годината, по инцијативата од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.

„Со оваа награда значително се унапредија правата на ЛГБТИ лицата и поддршката во нивната борба за добивање на целосна легитимност, како и значително се зајакна соработката помеѓу Собранието и граѓанскиот сектор во борбата против хомофобијата“, истакна пратеничката Маја Морачанин.
Паралелно со тоа, денот се одбележа и во холандската амбасада во С. Македонија каде амбасадорот Ваутер Пломп го истакна знамето со бои на виножито, официјалниот симбол на ЛГБТИ луѓето, на јарболот пред зградата на амбасадата.

Во меѓувреме на вчерашната седница на Собранието по втор беше изгласан и Законот за спречување и заштита од дискриминација кој беше проширен со вклучување на основите на сексуална ориентација и родов идентитет и ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група на граѓани.

„Со овој Закон градиме општество со еднакви права за сите и овозможуваме еднаква заштита и достоинствен живот за сите граѓани и граѓанки на Република Северна Македонија. Основа за донесување на овој Закон е Уставот на Република Северна Македонија , во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот“, се наведува во денешното соопштение на Министерството за труд и социјална политика.

Овој закон стапува на сила веднаш по потпишувањето од претседателот, откако еднаш веќе беше одбиен од екс- претседателот Ѓорѓе Иванов.

IDAHOT (International Day Against Homophobia Transphobiа and Biphobia), како што е познат ширум светот овој ден, веќе петнаесетта година по ред се одржува на 17 мај. Со него се цели кон поттикнување и координирање на голем број настани ширум светот кои допринесуваат во борбата против дискриминација на ЛГБТИ лицата.

Ѓ.Б.