Сара Мардини, бегалка од Сирија: Не верувајте во сѐ што ќе видите на телевизија

„Ако треба да спакувате 20 години во еден ранец, што попрво би земале?“, ги праша младата Сара Мардини луѓето кои во саботата ја следеа конференцијата за друштвени медиуми ENGAGE 2020.

Во Скопје допатува за да го сподели своето искуство како бегалка во екот на бегалската криза, но и како спасувач што на терен успева да спаси голем број бегалци. Убаво се сеќава на моментот кога заедно со нејзината средна сестра решаваат дека е добро да го напуштат Дамаск, бидејќи не се гледа крајот на војната.

„Тоа беше моментот кога повеќе не можев да одам на училиште, не можев да одам да пливам, не смеев да излегувам од дома. А сите знаеме дека никој не заслужува така да живее. Тогаш одлучив, мора да заминеме. Три години им зборував на моите родители, пред да ни дозволат. Се сеќавам на заминувањето, кога мојата најмала сестра ме молеше да останам. Бевме на аеродром, плачеше толку силно, тоа дете од три години и ги молеше своите сестри да не си одат. Ова беше најтешкиот момент за мене“, се потсетува Сара.

Родена и израсната во Сирија, Сара сака да стане професионална пливачка и да победува на Олимпијади. Кога избувнува насилството во Дамаск, за време на Сириската граѓанска војна, со едната сестра лета до Турција. Потоа, со помош на шверцери, тргнува по Балканската рута. Целта им е да стигнат до Германија. Но, преполниот гумен чамец, почнува да тоне. Сара и нејзината сестра Јусра, заедно со уште двајца мажи, скокнуваат во вода и го тукаат низ разбрануваното Егејско море 3,5 часа, пред да стигнат на копно, на грчкиот остров Лезбос.

„Имав среќа, пред сѐ, и не сакав да умрам, затоа скокнав во водата. Јас сум верник, муслиманка, и да, мислам дека постои судбина и среќа, да бидам искрена, и ништо повеќе од тоа“, вели Сара, свесна дека многумина не го преживеаја овој пат. Дента кога Сара дојде во Скопје за да зборува на ENGAGE, на гробиштата во Бутел беше погребан 34-годишeн Сириец, кој загина на Шара, во обид да премине во Србија. Следниот ден, таа го посети неговиот гроб. Нејзините сеќавања за патот низ Македонија кој таа го мина во 2015 година се матни.

„Се сеќавам дека се движев по железничките пруги. Криумчарите ми рекоа да одам до една бензинска пумпа, а оттаму да ја следам рутата на „Гугл мап“, за да стигнам до шините. Знам само дека имаше премногу луѓе и премногу војници, а пуштаа само по пет лица на секој половина час, а имаше илјадници… Се варевме, горевме на сонцето, беше прежешко. Доаѓаш до онаа точка кога не можеш понатаму. И секој пат кога ќе седнеш мора да станеш бидејќи редот оди понатаму, и мораше да се движиме. Но, да бидам искрена, беше полесно од другите држави. Не го велам тоа бидејќи сега сум во Македонија, туку затоа што тука, барем беше малку поорганизирано“, раскажува Сара.

Оттука оди во Србија, следејќи ги шините со својата сестра, за да стигне во Унгарија.

„Во Унгарија беше најлошо, бевме заглавени 10 дена, не напаѓаа луѓе по улиците, не напаѓаше полицијата. Тогаш не ми беше јасно што се случува, но сега сфаќам дека политичарите го користеа зборот бегалци за да ги занимаваат луѓето додека тие се зафатени со сопствената корупција. Затоа луѓето во Унгарија беа на улица, лути на бегалците и бараа да си одат надвор од земјата. Потоа стигнавме во Виена, која беше многу погостопримлива, исто како и Германија“, вели Сара.

Tешкиот пат од Сирија до Германија го уништува нејзиниот сон, да стане професионална пливачка. Повредите се трајни.

„Докторите ми рекоа, ако сакаш да можеш да се движиш, треба да престанеш да тренираш пливање. Имав само 24 години и заминав од Сирија за да го следам својот сон, да станам професионална пливачка“, вели таа.

Во Германија сега студира меѓународна политика и уметност. Патува и зборува за правата на бегалците. Ретко се соочува со дискриминација, за разлика од многумина нејзини сограѓани.

„Не изгледам како Сиријка, не изгледам како Арапка. Но, знам многу девојки кои биле нападнати на улица  затоа што носеле марама и многу момчиња биле третирани лошо во воз бидејќи имаат темна кожа, сум го видела тоа со свои очи. Еднаш ме прашаа – дали знаеш да користиш компјутер и како можам да си дозволам „Најк“ патики, дали имам пари. Тоа се оние глупави коментари кои ги слушам, но сакам да зборувам со луѓето кои ми се обраќаат на тој начин. Еднаш, летав од САД кон Берлин и седев до Германец, кому не му кажав дека сум бегалка. И тој ми рече – знаеш, бегалците ги крадат нашите пари. Потоа му објаснував дека не е така, за да ми префрли дека не знам ништо. Тогаш му се претставив која сум, дека студирам право и сум една од нив, од бегалците. Тоа е таа слика која луѓето ја имаат создадено во нивните глави“, вели Сара.

Во Германија, додава, и недостига сонцето од родната Сирија, и љубезноста на луѓето.

„Јас живеев во топла земја, со други навики. Германија, да бидам искрена е ладна, а и дел од луѓето се такви. Во мојата земја сите ви се смеат, гостопримливи се. За нас, кои доаѓаме од топлите земји тешко да се навикнеме“, искрена е таа.

Засега не размислува да се врати во Сирија. И да сака, вели дека не може, бидејќи има забрана за влез во оваа земја, исто како и во Грција, каде неколку месеци лежеше во затвор бидејќи помагаше бегалци безбедно да го минат разбрануваното Егејско море.

„Мислам дека луѓето се уште не сакаат да излезат од својата комфорна зона, се уште мислат дека бегалците се дојдени за да им ги земат парите. Зошто би ви ги зеле парите, доаѓаат, бараат работа, добиваат од државата (Германија) по 400 евра месечно. Тоа е се, и не, не е доволно, за кирија, за храна. Ако имаш семејство тоа е ништо. Кога ќе најдат работа помошта престанува“, објаснува Сара.

Луѓето се недоволно едуцирани во врска со бегалците, децидна е таа. И не им е лута, но пробува на секој што може да му објасни како стојат работите. Желбата и е да дипломира, а потоа да основа своја организација и да се врати со работа на терен во воените жаришта.

„Нешто многу импресивно неодамна ми кажа еден професор, дека нашата генерација не се грижи за профит, дека не ни се важни парите, туку промената. Едноставно ќе речам, не слушајте што велат политичарите цело време, не верувајте во се што ќе видите на телевизија или на дебатите. Затоа што тоа не е она што води кон  напред. Ние треба да живееме според сопственото искуство и да се поддржуваме едно со други“.

Јасмина Јакимова