Сања Атанасовска добитник на поетската награда „Караманов“

Советот на „Караманови поетски средби“, утре ќе ја додели традиционалната книжевна награда „Караманов“ за најдобра поетска книга за автори до 35 години, што годинава во конкуренција на петнаесетина поети, ја доби поетесата Сања Атанасовска од Куманово, за поетскиот ракопис „Стаклена градина“.

На „Поетски мозаик“ со поетски карван на Друштвото на писателите на Македонија ќе настапат десетина еминентни македонски поети, како и десетина познати европски поети од Англија, Унгарија, Словенија, Србија, Бугарија и Турција.

„Збирката содржи 54 песни исто како и претходните две, од кои едната е само во електронска верзија. Темите кои ме инспирираат се љубовта како вечна тема, меѓучовечките односи, времето во кое живееме. Убаво е што постојат вакви манифестации, каде им се дава шанса на младите автори да го презентираат своето творештво. Со секоја прочитана книга еден човек е побогат, а со секоја нова напишана книга еден автор се надоградува“, изјави Атанасовска.

Атанасовска по професија е новинар, а во 2015 година ја издава збирката поезија „Писмото на десетте прсти“ која е добитник на наградата „Лесновски ѕвона“. Во 2017 година, со помош на Фондација Македоника, ја објавува електронската збирка поезија „Тапија од животот“. Aтанасовска објавува поезија на повеќе странски сајтови.

Извор: МИА