Салата Батаклан ќе се отвори на годишнината од терористичкиот напад со концерт на Стинг

Стинг објави дека со негов настап ќе биде повторно отворена концертната сала Батаклан на 12 новемри, ден пред првата годишнина од џихадистичкиот напад во кој починаа 90 луѓе.

Поранешниот фронтмен на Police вели дека се согласил да го одржи концертот „прво, за да се потсети и да им се даде чест на оние кои го изгубија животот во нападот пред една година, а второ, за да го слави животот и музиката кои ги претставува овој историски театар“.

„Правејќи го тоа, се надеваме дека ќе го почитуваме сеќавањето, како и животот на оние кои паднаа. Нема да ги заборавиме“, вели пејачот.

Најавата на неговата веб страница е значајна за салата, која наводно не може да привлече големи имиња да настапуваат таму. Сите пари кои ќе се заработат од концертот ќе бидат донирани на две хуманитарни групи кои работат со жртвите од нападите во Париз.

На денот на годишнината, преживеаните од нападот и американската рок група Eagles of Death Metal, кои беа на сцената за време на масакрот, ќе присуствуваат на откривањето на плакета пред концертната сала. Сопствениците на Батаклан треба да откријат каде ќе се случи церемонијата.