Саемот за книга годинава во „Борис Трајковски“

30-тото издание на Саемот за книга оваа година ќе се одржи во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, информираат од Министерството за култура, откако Скопскиот саем, каде досега традиционално се одржуваше оваа манифестација, престана да работи.

Министерството соопшти дека веќе разговарале со раководството на Спортскиот центар, кои изразиле расположеност да им излезат во пресрет на издавачите и љубителите на книгата и Саемот, годинава, сепак да се одржи во најголема македонска сала, која нуди мултифункционални простории можност за адаптирање на потребите на манифестацијата.

„Министерството за култура на Република Македонија ја известува јавноста дека нема да дозволи изумирање на читателската култура и ќе им помогне на издавачите и љубителите на книгата. Додека не се премости проблемот со обезбедување на саемски простор во градот, Министерството ќе продолжи да создава услови во континуитет, за оваа значајна манифестација да продолжи да се одржува, да се развива и да ги задоволува културните потреби на нашите граѓани“, велат од Министерството.

Од Министерството дополнително информираат и дека во наредните денови ќе организираат повеќе средби со организаторите и здруженијата на издавачи за поконкретните аспекти на организирање на Саемот и обезбедување на потребната поддршка.