Руски „тролови“ ширеле дезинформации за вакцини за да создадат раздор, тврдат американски научници

Ботовите на социјалните мрежи и руските „тролови“ ширеле дезинформации околу вакцините на Твитер за да создадат социјален раздор и да шират вируси, соопштија научници од САД.

Истражувањето посочува и дека истите профили кои се обиделе да влијаат врз американските избори твитале и за вакцини. Поголемиот дел од нив објавувале содржини и за и против вакцинација за да создадат „лажна еднаквост“, открива студијата.

Во истражувањето биле проверени повеќе илјади твитови објавени меѓу 2014 и 2017 година. Професорот Марк Дредзе од Универзитетот Џон Хопкинс, вели дека вакцинацијата била користена од „троловите“ и софистицираните ботови како „прашање кое предизвикува поделби“.

„Преку играње на двете страни, тие ја нарушуваат јавната доверба во вакцинацијата, правејќи не ранливи на сите ризици кои ги носат заразните болести“, изјавил Дредзе.

Претходно овој месец Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека случаите на морбили во Европа достигнале рекордно високо ниво, а според експертите порастот на инфекциите е последица на намалување на бројот на луѓе кои се вакцинираат.

Во САД во пораст е и процентот на деца кои не се вакцинираат поради религиозни или филозофски причини, откри истражување објавено во јуни.

Студијата за дезинформации, објавена во Американското списание за јавно здравје, посочува дека иако мнозинството Американци верувале дека вакцините се безбедни и ефикасни, кога ќе се погледне Твитер се добива поинаков впечаток кој сугерира дека постои голема дебата на оваа тема.

„Значаен дел од онлајн дискурсот околу вакцините може да е генериран од злонамерни страни со голем број на затскриени агенди“, вели Давид Брониатовски од Универзитетот Џорџ Вашингтон.

Во научното истражување, биле прегледани повеќе од 250 твитови на тема вакцинација кои потекнувале од профили поврзани со Агенцијата за интернет истражувања (АИИ) во Сент Петербург. Токму оваа Агенција во февруари беше обвинета од американското обвинителство за наводно мешање во изборите на САД.

Твитовите на АИИ користеле јазик на поделба и ги поврзувале вакцините со контроверзни ставови околу расите, класите и владината легитимност, посочуваат научниците.

Еден од твитовите кој фрла сомнежи на вакцините, цитиран во студијата, гласи: „Дали знаете дека постои тајна владина база на податоци за деца оштетени од вакцини?“. Друг твит кој според про-вакцинација гласи: „Вакцинирајте се САД. Не можете да ја излечите глупоста. Нека умрат од морбили, јас сум за вакцинација!“.

Во меѓувреме, помалку софистицираните ботовски профили, таканаречени „загадувачи со содржини“ кои дистрибуираат вируси и непосакуван рекламен материјал, споделувале анти-вакцинални пораки многу почесто од просечни корисници на Твитер, користејќи ги како „мамец“ за луѓето да кликаат на линковите до интернет страници со вирус.