Русите на протести ги обвинија властите за фаталниот пожар во трговскиот центар

Неколку стотици граѓани протестираa во сибирскиот град Кемерово, бесни на руските власти поради пожарот во трговски центар во кој загинаа најмалку 64 луѓе, од кои 41 дете. Тие побарале оставки од надлежните поради безбедносни пропусти.

Роднините велат дека уште 85 луѓе сè уште се водат за исчезнати, поголемиот дел од нив деца, јавува новинската агенција Интерфакс, пренесува ББЦ. Причината за пожарот сè уште не е позната, но Комитетот за истраги соопштил дека се регистрирани „сериозни пропусти“ во трговскиот центар.

Властите биле исвиркани кога побарале од демонстрантите да го прекинат протестот по седум часа. Регионалниот заменик-градоначалник Сегеј Цивилев потоа клекнал на колена за да ги замоли насобраните да му простат, јавува новинската агенција РИА.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно го посетил Кемерово и посочи дека пожарот во неделата се случил поради „криминална негрижа“.

„Што се случува овде? Ова не е војна или неочекувана експлозија во рудник. Луѓето и децата доаѓаат овде да се релаксираат. Зборуваме за демографија, а истовремено губиме толку многу луѓе поради што? Поради криминална негрижа и невнимание“, рекол Путин.

Од она што е засега познато, пожарот во трговскиот центар избил во 17 часот по локално време, а продавниците, кино-салите и кугланите биле преполни поради почетокот на училишниот распуст. Комисијата за истрага соопштила дека техничарот за сигурност во центарот го „исклучил системот за алармирање“ откако бил известен за пожарот.

Видео снимки на социјалните мрежи покажуваат како луѓе скокале од прозорците за да се спасат. Локален политичар на Фејсбук напишал дека биле „затворени излезите за пожар, што го претворило трговскиот центар во стапица“ и дека „немало организирана евакуација“. Тој додал и дека апаратот за гасење пожар кој можел да го намали огнот на почетокот не работел.

Пет луѓе биле уапсени, меѓу нив и службеници осомничени за деактивирање на системот за јавно известување.