Русија го блокираше LinkedIn

Рускиот регулатор за комуникации го блокираше LinkedIn во државата, откако суд пресуди дека фирмата е виновна за прекршување на законот за лични податоци.

Роскомнадзор издаде кратка изјава во која реферира на одлуката од август на Московскиот окружен суд да се  блокира LinkedIn, со цел да се заштитат податоците на руските корисници на интернет. Одлуката беше одобрена од Градскиот суд на Москва на 10 ноември.

Од фирмата го потврдуваат блокирањето: „Визијата на LinkedIn е да создаде економска можност за целата глобална работна сила. Почнавме да слушаме од корисници од Русија дека веќе не можат да пристапат на интернет страницата“, изјавил портпарол.

„Потегот на Роскомнадзор им го блокира пристапот до LinkedIn на милионите членови кои ги имаме во Русија и компаниите кои го користат сајтот за да го прошират својот бизнис. И понатаму сме заинтересирани за состанок со Роскомнадзор, да дискутираме за нивното барање за локализација на податоците“.

LinkedIn, кој неодамна беше откупен од Мајкрософт и има повеќе од шест милиони регистрирани корисници во Русија, се обиде да договори состанок во „последна минута“ со рускиот регулатор минатиот петок, за да ја одложи забраната.

Руски закон изгласан во 2015 година бара од сите веб страници да ги чуваат личните податоци на руските граѓани на руските сервери – тешко барање за повеќето странски компании и социјални мрежи. LinkedIn досега одбиваше да го одобри барањето.

Рускиот претседател Владимир Путин пред неколку недели се закани дека ќе се потруди да не се користи софтвер на Мајкрософт во ниту една владина канцеларија или државна компанија.