Роботи изградени од студенти ќе се натпреваруваат во сликање

Дваесет и шест роботи дизајнирани од студенти во САД ќе се натпреваруваат на уметнички натпревар. Целта на натпреварот е да се истражи креативниот потенцијал на вештачката интелигенција и да се инспирира креативна употреба на технологијата.

Е-Давид е робот со една рака составен од компјутер, пет четки за сликање и палета од 24 бои и вештина на стар мајстор. Фотографира симултано додека слика, пресметувајќи каде да го осветли или затемни своето ремек-дело. Со тоа, покажува дека уметничките дела насликани од роботи не се всушност направени од програмерот.

Изграден од професорот Оливер Дусен од Универзитетот во Констанца, е-Давид сега се натпреварува со уште 25 роботи за првото издание на натпреварот Robot Art.

„На самиот почеток сме со можностите на роботите и уметноста, небото е граница“, вели основачот на натпреварот, Ендру Конру. „Освежувачки е да се види технологијата во акција“.

На натпреварот, публиката ќе гласа за најдоброто уметничко дело. Јавното гласање беше отворено во понеделникот, а победниците ќе бидат објавени на 15 мај.

„Јас верувам дека уметноста не ја дефинираат критичарите, туку е дефинирана од тоа како луѓето го гледаат значењето и уживањето“, вели Конру, претприемач и колекционер на уметност од 19-тиот век, за Guardian. Вели дека го создал натпреварот за да ја спои својата љубов кон уметноста со технологијата.

„Отсекогаш сум бил заинтересиран во применета технологија, без разлика дали се применува во индустрискиот дизајн или во правење на светот во кој живееме естетски позадоволувачки“, додава.

Наградата, обезбедена од непрофитната организација на Конру, Compute.org, која финансира иновативни идеи кои инвеститорите водени од профитни цели ги избегнуваат, чини 100000 долари. Таа ќе биде донирана на училишта или хуманитарни организации.

„Вистинската мисија е да ги инспирираме учениците да ја користат технологијата и да бидат креативни“, вели тој.