Роботи им помагаат во учењето на основци во Финска

Елиас, новиот учител по јазици во училиште во јужна Финска има неограничено трпение за да ги повторува работите, никогаш не прави учениците да се почувствуваат засрамено што поставуваат прашање, а дури може да игра во ритамот на „Гангам Стајл“. Елиас истовремено е и робот.

Се работи за решение за учење јазици, хуманоиден робот и мобилна апликација, кои се тестираат преку пилот-проект на период од една година, заедно со робот за учење математика во основно училиште во третиот град по големина во скандинавската држава, јавува Еуроњуз.

Роботот може да зборува на 23 јазици и е опремен со софтвер кој овозможува да ги разбере потребите на учениците.

Комуницира на фински и англиски, го препознава нивото на подготвеност на ученикот и автоматски ги прилагодува прашањата според тоа, обезбедувајќи фидбек на учителот за можни проблеми.

Некои од луѓето учители, кои работеле со технологијата, гледаат на тоа како една од многуте образовни алатки кои можат да се користат во привлекување на вниманието на децата и учење.

„Мислам дека во новите наставни програми, главната идеја е да се вклучат учениците, да бидат мотивирани и активни. На Елиас гледам како на алатка за добивање на различни видови вежби и различни активности во училницата“, објаснува учителката по јазици Рика Колунсарка.

Користењето на роботи во училниците не е ново – роботи едукатори биле користени на Блискиот Исток, во Азија и САД последниве години, но модерните технологии како клауд услугите и 3Д печатењето овозможуваат помали старт-ап компании да влезат во овој сектор.

„Забавно е, интересно и возбудливо и помалку сум шокиран“, вели ученикот Абиша Џиниа, давајќи своја оценка за роботот учител Елиас.

И покрај нивните вештини во математика и јазици, сепак тоа што роботите не можат да одржат дисциплина помеѓу учениците во основното образование значи дека, барем засега, работните места на учителите се безбедни.