Римската фонтана Треви обоена во црвено во протест поради корупција

Италијанскиот активист Грациано Чечини истурил црвена боја во римската фонтана Треви, во знак на протест против корупцијата и нечистотијата на Рим.

Според очевидци, Чечини успеал да се искачи на едната страна од фонтаната и да ја истури бојата, претворајќи ја водата во Треви во темно црвено езеро.

Чечини ист ваков потег направил и пред десетина години. Тој преку соопштение до медиумите посочил дека бојата нема да и наштети на фонтаната и дека протестот е „крик дека Рим не е мртов, дека е жив и подготвен да се врати како престолнината на уметноста, животот и ренесансата“.

Чечини бил отстранет од местото со полиција.

Во текот на вчерашниот ден, властите ја сопреле хидрауликата на фонтаната и ја испразниле водата за да спречат евентуални штети од бојата.

„Акции како оваа покажуваат незнаење и целосен недостаток на граѓанска совест“, изјавил заменик-градоначалникот на Рим, Лука Бергамо.

Чечини е познат и по тоа што во 2009 година, по римските Шпански скали испуштил илјадници обоени пластични топчиња.

За време на првата ваква герила-акција во Треви во 2010 година, одговорноста ја презеде десничарска група, која изјавила дека протестот е поради високите трошоци за организација на Римскиот филмски фестивал. Црвената боја, според нив, го симбилизирала црвениот килим на фестивалот.

Овогодишното издание на фестивалот беше исто така отворено вчера.