„Рикверц Яеволуција“: Преку хуманитарна претстава ќе се раздолжиме за донациите

Приказната за студентите, членови на драмската театарска група „Рикверц Яеволуција“, кои пред повеќе од еден месец бараа помош за да можат да си ги покријат патните трошоци за фестивалот во Брно, Чешка, заврши среќно.

11-те студенти, кои се дел од оваа театарска група, за Радио МОФ велат дека благодарение на донациите кои дошле од луѓе од цел свет успеале да отидат на фестивалот за драма и успешно го претставиле Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, но и Македонија како држава.

„Донираа и познати и непознати луѓе. Таму нашата група предизвика особен интерес зашто заедно со Чесите, бевме единствени на кои германскиот јазик не им е мајчин, а сепак глумат рамо до рамо со австриските и германските колеги“, вели Сања Таневска, член на групата.

Меѓутоа, овие студенти не престануваат овде. По успешното претставување во Брно, од „Рикверц Яеволуција“ информираат дека следуваат уште два предизвика. Тоа се двете изведби во Скопје, пред домашната публика. Студентите ги повикуваат сите љубители на добрите комедии и германскиот јазик да дојдат на премиерата што ќе се одржи на 22 мај и репризата на 27 мај, од 20 часот во Салон 19:19.

„Идејата е на некој начин да се раздолжиме за донациите од луѓето, така што сите собрани средства од двете изведби ќе ги донираме на оние на кои им се најпотребни“, додава Таневска.

„Рикверц Яеволуција“ постои скоро две години, а преку театарот , студентите сакаат да си го олеснат учењето на германскиот јазик, но и да привлечат што повеќе млади да се свртат кон него.