Студентите од „Рикверц Яеволуција“ бараат помош за остварување на сонот

„Идејата за оваа група произлегува сосема спонтано, јас учествував во театарска група од катедрата на шпански јазик и на мојот настап со нив колегите од германистика дојдоа до идеја да го направиме тоа и кај нас. На шала на смеа, еве се собравме и опстанавме.“ – вели Жанета Савиќ, член на „Рикверц Яеволуција“.

Rückwärts Яevolution / Рикверц Яеволуција е театарска група составена од 11 студенти на Филолошкиот факултет, најголемиот дел од одделот за германистика.  Како група постојат скоро две години, а проблемите започнуваат со втората драма „Духот на Гете на испит“, која требаше да ги однесе на настап во драмскиот театарски фестивал во Брно, Чешка. Бидејќи се финансираат со помош на своите родители, а костимите ги обезбедуваат самостојно барајќи стари парчиња по дома, трошоците за патот до Чешка за нив се непремостлива пречка. Им недостигаат уште само 600 евра.

„Патните трошоци до Брно, Чешка и назад за целата наша група би не чинел околу 2.000 евра. Поголемиот дел го собравме со помош на нашите родители и блиски пријатели. Праќавме барања до повеќе фирми, претпријатија, но не наидовме на разбирање. Сите се тука со морална, но ретко кој со материјална подршка“, вели Ана Жежовска,член на групата која ги замолува сите што можат да донираат  на нивната ПЛАТФОРМА и да им помогнат во остварување на сонот.

Студентите велат дека и од катедрата по германски јазик при Филолошки Факултет, ја разгледуваат одлуката за донирање на останатите средства, меѓутоа се уште нема конечна одлука.

Rückwärts Яevolution

Потсетувајќи се на своите почетоци, тие им се заблагодаруваат на сите кои им помогнале, а  посебно на Сара и Надије асистентки на катедрата по германски јазик.

Оваа група на млади креативци сакаат преку театарот да си го олеснат учењето на германскиот јазик, но и да привлечат што повеќе млади да се свртат кон него бидејќи сметаат дека театарот има потреба од младите, а тие од него.

Ирена Чаушки