Репортери без граници со осуда за нападите кон српската „Н1“ телевизија

Меѓународната организација Репортери без граници ги осудува последните напади кон српската телевизија „Н1“. Полин Адес-Мевел, претставничка на организацијата, забележува дека нападите кон медиумската куќа зачестиле во последната недела.

„Го осудуваме нападот на уредникот на ‘Н1’, Југослав Ќосиќ, како и фрлањето летоци со пораки дека ‘Н1’ треба да ја напушти Србија, што е сторено од маскирани лица, додека на телевизијата било емитувано интервју со кандидатотот за следен премиер на Косово, Албин Курти. Покрај тоа, забележани се и закани преку социјалните мрежи. На Ќосиќ му се заканувале и на тој начин. Исто така, во средината на октомври забележавме дека непознати сторители му пришле на еден репортер од ‘Н1’, му се заканувале и му рекле да се врати назад во Луксембург“, вели Адес-Мевел за Радио Слободна Европа.

Таа подвлекува дека оваа организација внимателно ги следи и анализира медиумските околности во Србија, а посебно оние поврзани со „Н1“.

„Прочитав дека и претседателот на Србија и негови блиску луѓе рекле дека тоа што тој не се чувствува добро е последица на нападот од страна на новинар на ‘Н1’. Исто така, загрижена сум што Сузана Васиљевиќ (советничка за медиуми на претседателот на Србија, Александар Вучиќ), за време на викендот, кога гостуваше на телевизијата ‘Пинк’, околу десетина пати го спомена името на новинарот на ‘Н1’, Миодраг Шовиља. Тоа не е добро за мирната околина и дијалогот во општеството“, смета Адес-Мевел.

Репортери без граници потсетуваат дека нападите на „Н1“ не се нови, т.е. дека нивниот број расте, а Адес-Мевел заклучува:‌

„Апелираме да ја остават ‘Н1’ на мир да ја спроведува својата работа. Многу е важно да се обрати внимание на српските таблоиди кои објавуваат говор на омраза и напаѓаат новинари“.