Рекорден глобален пад на сезонскиот грип поради социјалното дистанцирање

Глобалните правила за социјално дистанцирање воведени поради коронавирусот донесоа рекордно ниски стапки на заболени од грип, покажуваат раните податоци сигнализирајќи дека мерките имаат големо влијание врз другите заразни болести, јави Ројтерс.

Во Кина, каде најрано беа донесени мерки за карантин, новите извештаи за зарази, вклучувајќи заушки, сипаници и сексуално преносливи болести, покажуваат значителен пад. Бројот на заразени со грип доживува најостар пад.

Бројот на инфекции пријавени од Министерството за здравство на месечна основа од почетокот на карантинот се намалил за 90 проценти, со просечно од околу 290.000 случаи месечно на 23.000.

Канадскиот систем за надзор на грип исто така објави „екстремно ниски нивоа“ на грип, како и други држави кои ги пријавуваат податоците на неделна база, вклучително и Велика Британија и Австралија.

Во својот последен неделен извештај, јужнокорејскиот портал за заразни болести објави намалување од 83 проценти во однос на минатата година.

„Имаме најниска можна стапка на другите вирусни инфекции за овој период од годината“, рече Бен Мараис, специјалист за заразни болести од универзитетот во Сиднеј и доктор на детскиот оддел во болницата Вестмид.

„Обично имаме одделенија полни со деца со потешкотии во дишењето во овој период од годината, во текот на зимата… Но, оваа година одделенијата се претежно празни“, вели тој.

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека глобално има три до пет милиони тешко заболени и до 500.000 смртни случаи од сезонски грип.