Регионална платформа на медиуми: Напади на новинари од полицијата се неприфатливи

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 7.800 новинари и медиумски работници, меѓу кои и од ЗНМ, остро го осудува физичкиот напад врз новинарот на порталот Index.hr Драго Миљуш од службеници на сплитската полиција.

Според Платформата на новинарите, Драго Миљуш стоел на јавна површина, надвор од полициските линии што ја обезбедуваа полициската интервенција на плажата Обојена светлост во Сплит.

„Интервенцијата беше поврзана со бомбаш-самоубиец, кој, за жал, на крај ја оствари својата намера. Еден од припадниците на полицијата почна да се расправа со Миљуш, најпрво вербално, а потоа и со туркање. Полицаецот го фрли мобилниот телефон на Миљуш во морето. На тоа се придружил и еден полицаец од специјалната единица кој го удрил новинарот во главата, а со тоа го бутнал новинарот на земја и му ја расцепил устата“, реагираат од Платформата.

По инцидентот, Миљуш побарал медицинска помош во болница каде му ја сошиле усната. Сплитската полиција најави дека отворила истрага во врска со овој инцидент и дека ќе ја информира јавноста за се што ќе открие.

„Хрватското здружение на новинари ја поздрави реакцијата на властите, но нагласи дека тие во многу наврати побарале од полицијата да ја информира јавноста за резултатите од нивните истраги за заканите и нападите врз новинарите“, рече Саша Лековиќ, претседател на ХЗН. „Но сето тоа беше залудно. Наместо да ги споделуваат информациите, полициските службеници физички напаѓаат новинари на работа“, додаде тој.

Регионалната платформа го поддржува ХЗН во своите напори и ги повикува хрватските институции да ги истражат последните, но и претходните напади врз новинарите и да докажат дека овие инциденти се сфаќаат сериозно.

Спроведувањето на меѓународните стандарди за заштита на новинарите, нивната безбедност и слободата на изразување кои се вградени во националното законодавство, велат од таму, е од најголема важност и ќе обезбедат слободни и безбедни услови за работа на новинарите и медиумите.

Од почетокот на 2017 година ХЗН регистрираше 4 физички напади и 3 случаи на закани врз новинари во Хрватска, вклучувајќи го и последниот инцидент.

„Регионалната платформа силно ги поддржува новинарите и медиумските организации во напорите за заштита на новинарите и слободата на говорот. Секој напад врз новинарите се смета како напад на јавниот интерес, демократија и правата на сите граѓани“, потенцираат здружените новинари.