[Рецензија] „Бодкин Рас“ е темно огледало на психата на малите градови

„Бодкин Рас“ е нетипичен филм. Конципиран во 2006, работен и преработуван со години, сниман во 2013, а издаден лани, во филмот на Каве Модири игра само еден професионален актер – Сораб Бајат. Сите останати ликови во филмот се играни од жителите на гратчето Форес, во Североисточна Шкотска, ставајќи го дејството некаде на пола пат меѓу фактите и фикцијата.

Приказната во „Бодкин Рас“ е врзана со пристигнувањето на истоимениот главен лик во Форес и реакцијата на „староседелците“ на појавувањето на странецот во нивните животи. Форес, пак, е типичен мал град со сите проблеми и пороци кои следат со таа титула – депресија, алкохолизам и насилство, употреба на дроги, ксенофобија и економски распад, сите врзани во еден кревок еквилибрум.

Бодкин доаѓа во Форес за да се сокрие од своето минато, но не сака говори за него. Работи што ќе му се даде, без да биде особено добар или лош во тоа. Повеќе слуша отколку што збори. Бајат одлично ја продолжува  филмската традиција  на мистериозни посетители кои со своето доаѓање го поместуваат статус квото. Во неговите и рацете на Модири, Бодкин се претвара во бело платно, во ехо комора – жителите на градот од него го слушаат тоа што сакаат да го чујат, дури и кога тој тоа не го кажува. За Луси, родена во Лондон, а сега заглавена во досадниот Форес, Бодкин е излезот, патот кон надвор, макар што тој самиот никогаш не се нуди да биде тоа за неа. За Еди, кој поставува огради, Бодкин е синот кој ќе го наследи неговиот фамилијарен бизнис, некој на кој  може да му се довери. За повремениот наратор, „Црвениот“ Џејмс, тој е шанса за искупување и можеби, за себеспознавање. Наспроти сите нив, Бодкин, пак, има своја агенда.

Интеракцијата меѓу наметнатите желби на жителите и скриените мотиви на Бодкин чекор по чекор градат се поголема тензија. Ова е дотолку повеќе успешно изведено бидејќи споредните ликови не се само реквизити, замислени за да го придвижат дејството нанапред, туку вистински карактери, засновани на вистински луѓе. Можеби токму Бодкин, единствениот фиктивен лик, е всушност главниот спореден лик во приказната, наспроти ансамблот на животни приказни кои ги пренесуваат останатите, непрофесионални актери, но и самиот град Форес. Кинематографијата на филмот го заокружува овој впечаток. Неговата камера е статична на моменти, со тесни, скоро клаустрофобични кадри кои ги забележуваат и најмалите изрази на лицето на ликовите,  внесувајќи ве нивниот ум и светоглед. Во други сцени, кадрите стануваат пошироки, пофлуидни, често со препознатливите нишања на рачното снимање, кои тука само додааваат на автентичноста на акцијата која се случува пред гледачите.

Без непотребни декорации или наративно сало, „Бодкин Рас“ не трае ни минута подолго отколку што е потребно за да ве пренесе во сржта на животот во малите градови и да ја раскаже нивната приказна. Топло го препорачувам.

Атанас Димитров

*Ова е првата од серијата рецензии кои Радио МОФ ќе ги објавува од овогодинешното издание на Фестивалот на европски филм „Синенедејс“. Фестивалот се одржува во Скопје, од 9 до 19 ноември. Повеќе информации за Синедејс можете да најдете на: http://cinedays.mk/mk