Разговори „Под смоквата“ и дебати во МКЦ на „МакеДокс“

„Кога размислувам за филм, размислувам за себеси. Филмот, продукцијата, животот – сето тоа е поврзано во една целина“ – рече Магнус Гиртен, за време на разговорите „Под смоквата“ во Куршумли-ан.

Гиртен е автор на филмот „Секое лице има име“ и е гостин на шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кое од 20 до 26 јуни 2015 година, во Куршумли-ан и во Младинскиот културен центар во Скопје, се одржува во ритамот на мотото „Рум-да-да, дум-та-дум-та!“.

На првата сесија „Под смоквата“, модерирана од селекторката Петра Селишкар, се придружија и Миха Чернец („Борба за“/ „Танцувајќи со Марија“, Синиша Гачиќ („Борба за“) и шпанскиот пријател на „МакеДокс“ – Роберто Блат.

Зборувајќи за сопствените искуства во правењето документарни филмови Магнус Гиртен објасни дека процесот на барање на соработниците е долг и дека, пред сѐ, сака да работи со луѓе кои му се допаѓаат. Истото се однесува и на изборот на темите што го предизвикуваат за снимање документарец.

„Обично сѐ почнува со одредена емоција, потоа се појавува љубопитност која ме води кон истражување на темата и така почнува да се развива концептот за филмот. Љубопитноста е многу интересна карактеристика, бидејќи станува емпатија кога ќе се обидете да ги откриете слоевите на одредена личност. Затоа често се случува еден филм да снимам околу три години“, рече Гиртен „Под смоквата“.

Словенечкиот автор Синиша Гачиќ три години го снимал филмот „Борба за“, кој ќе се прикаже денеска, во 19 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ, а ќе биде проследен и со сесија на прашања и одговори со публиката.

„Филмот е критичко гледање на сајд-ефектите што ги имаа движењата низ целиот свет, со акцент на настаните што се случуваа во Словенија. Мојата критика се однесува на развојот на настаните и на фактот што од огромна група ведри луѓе на крајот останаа некои активисти кои не знаат што да прават со себеси, а не, пак, да го менуваат системот во кој живееме. Како заклучок констатирав дека активистите кои учествуваат во одредени протести прво треба да се разберат меѓу себе, а потоа би можеле да се борат за промена на системот“, рече Синиша Гачиќ.

Во продолжение програмата за денеска во Куршумли ан и МКЦ:

Филмската програма можете да ја следите и на фестивалскиот веб-сајт , на Фејсбук и на Твитер.

Пред почетокот на вечерните проекции во Куршумли-ан, се презентираат музичките парчиња за воведната секвенца на филмот „Човекот со филмска камера“ од Ѕига Вертов. Досега проекциите ги отворија парчињата подготвени од Владимир Мартиновски и Мауро де Мартино, додека до крајот на фестивалот ќе бидат претставени и парчињата на Дуке Бојаџиев, Филип Митров, Роботек Горан Роботековски и Михајло Михајловски.

Фестивалот „МакеДокс“ и Патувачкото кино се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон, Агенцијата за филм на РМ и Делегацијата на ЕУ во Скопје.