Распишани локалните избори – ќе се гласа на 15 октомври

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го потпиша решението за распишување на локалните избори кои ќе се одржат на 15 октомври.

Џафери апелираше до сите учесници да се однесуваат во согласност со Уставот и законските одредби а институциите да обезбедат изборите да протечат во мирна, фер и демократска атмосфера како што заслужуваат, како што рече, почитуваните граѓани на Македонија.

„Ги распишав изборите согласно законската обврска и согласно роковите предвидени од Изборниот законик. Според законските одредби локалните избори ќе се одржат во недела на 15 октомври 2017. Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до органот за спроведување на изборите Државната изборна комисија. Собранието за време на предизборниот период ќе работи но нема да има пленарни седници за пратениците да можат да се посветат целосно на изборната кампања но и за да не ги претворат седниците во изборна кампања“, рече Џафери.

Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до Државната изборна комисија.

Кампањата почнува 20 дена пред изборите, а Собранието во тој период ќе работи, но без пленарни седница, со цел како што рече тој, седниците да не се претворат во изборна кампања.