#РаскажиМи: „Синтисајзер“ од Калина Малеска

Овој пат во рубриката #РаскажиМи, го објавуваме расказот „Синтисајзер“ од Калина Малеска.

Малеска е авторка на неколку збирки раскази, романи и книги за деца. Нејзини раскази се преведени на англиски, италијански, српски, хрватски, албански, германски и други јазици.

Таа предава предмети од областа на англофонската книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Се занимава и со книжевни преводи, а некои од делата што ги превела се: Тристрам Шенди од Лоренс Стерн, раскази од Амброуз Бирс, Волшебникот од Оз од Л. Френк Баум.

Во продолжение прочитајте го расказот „Синтисајзер“.

Синтисајзер

Немам време за пијано. Сакам да научам да свирам, но морам да ги завршам обврските и немам време за пијано.
За четириесет и вториот роденден си купувам синтисајзер. Никогаш не сум свирела на никаков инструмент. Имам чувство дека сум целосен антиталент за музика. Но и чувство дека сакам да свирам на пијано.
Го гледам синтисајзерот пред себе. Немам никаква претстава каде се нотите, а и да знам, нема да имам корист од тоа, не знам ниту една мелодија според ноти, а и онака ја знам само основната скала. Не знам ни која е разликата меѓу белите и црните клавиши. Почнувам да ги движам прстите по клавишите, но звуците не се поврзуваат во мелодија, тоа се само изолирани звуци, без единство, без смисла.
На интернет може да се најдат видеа на некои познати композиции. Најмногу ми користат оние на кои одозгора паѓаат подебели и потенки, подолги и пократки правоаголни зелени капки кои се спуштаат нежно врз клавишите на синтисајзерот прикажан на видеото. Подебелите капки се за белите типки, потенките – за црните. Пократките означуваат краток звук, подолгите – подолг. Тоа е сè што можам да го сфатам од видеата. Нема ноти по кои треба да се свири, па ги следам капките, ориентирајќи се според положбата на црните клавиши. Почнувам со Бетовен. На секое притискање на еден клавиш ја кревам главата кон екранот на компјутерот за да го видам следниот. Го мерам растојанието меѓу две капки за да го извлечам следниот тон. По некоја недела го воведувам и Моцарт, потребно ми е долго време за да дојдам до крајот на третата минута од композицијата. Почнувам да пребарувам и други извори на музички информации и откривам каде се нотите и како се распоредени. Тоа не ми помага многу. Чајковски е уште потежок и поминуваат неколку месеци додека да ги научам фрагментите од овие неколку композиции дадени на видеата. Паралелно ја учам и мелодијата заради која и го купив синтисајзерот – тоа е насловната мелодија од Игра на тронови.
На својот четириесет и трети роденден, свирејќи притиснувам на еден клавиш и излегува звук што не се вклопува, но компјутерот не е до мене за да проверам. Притиснувам на друг клавиш и ете го вистинскиот тон. Свирењето почнува да оди полесно.
Сакам да ја научам „Шехерезада“ од Римски-Корсаков, но не можам да најдам видео во кое правоаголните капки ќе ми го покажат патот кон музиката. Одеднаш десната рака ми се придвижува кон „ми“ – не знам од каде и како но ми се чини дека мелодијата што си ја пеам во глава почнува со ми. Ми-ре-ми – ми се движат прстите и одеднаш се раѓа краткиот почетен фрагмент од мелодијата на Римски-Корсаков во мојата глава. Нешто ме тера да отсвирам ми-ре-ми ре-до-ре и тоа е почетокот на она што го барам. А потоа ми надоаѓаат и другите ноти на композицијата чии ноти никогаш не сум ги видела.
Немам време за обврски. Морам да свирам.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.