Раперот Грендмастер Флеш ќе гостува во станица „Станица 26“

По повод 15 години постоење на „SureShotz Entertainment“ во соработка со „3 Гонга“, во клубот „Станица 26“ на 26 февруари од 21 часот ќе започне настанот со гостување на Грендмастер Флеш.

Настанот со Грандмастер Флеш, кој организаторите го нарекуваат како „еден од највлијателните луѓе во хип-хоп културата“, е дел од неговата турнеја „Hip-Hop: People, Places and Things”.

„Тој, за прв пат пред скопската публика ќе се претстави со двочасовен сет, што ќе претставува музички времеплов, и едуцирање за сe она што значи hip-hop од 70-ите години па до денес“, се вели во најавата за настанот.

Раперот е роден во 1958 година на Барбадос, а љубовта кон грамофоните му се родила уште во тинејџерските години, откако со своето семејство се преселиле во Бронкс. Кариерата ја започнува во раните 70-ти, како диџеј на приватни забави заедно со Куртис Блоу и Ловбаг Старски. Кон средината на 70-те ја оформува својата прва група, во која членуваат Коубој, Мели Мел и Д Кид Реол. Групата првично се нарекувала „Grandmaster Flash and the 3 MCs“, а ќе остане запаметена по тоа што нејзиниот член Коубој го измислил терминот „хип-хоп“, a Мели Мел е првиот кој се нарекол себеси MC (Master of Ceremony).

„Во последнава декада тој издаде еден мемоар, започна свое радио шоу, ја доби „BET I am Hip-Hop Icon“ наградата, се појави на видео игра, а неговиот лик е дел од „Netflix“ серијалот „The Get Down“. Човекот кого го сметаат за главен „виновник“ што денес грамофонот е музички инструмент, во моментов работи на својот 12ти студиски албум“, соопштуваат организаторите.

Локална поддршка на настанот ќе бидат диџеите Шорти Пи и Ирие Скреч.