„Психолошки муабет“: Социјалните мрежи се клучен фактор за ниската самодоверба

„Социјалните медиуми влијаат на самодовербата, а често набиваат и комплекси за тоа колку треба да бидеме успешни, нашетани и слично“. 

Ова е еден од заклучоците на вчерашниот настан „Психолошки муабет“ кој опфаќаше теми за анксиозноста и самодовербата.

Организаторката на настанот, а воедно и создавачот на „Мој психолог“, Бојана Стојменовиќ зборуваше за големата „побарувачка“ да се зборува на ваквите теми. Односно, многу луѓе е потребно да се информираат.

Околу самодовербата, нагласи дека клучен фактор се социјалните мрежи каде се сѐ пласира како апсолутна и реална вистина. Често, вели таа, тоа покажува дека живееме во сегашност обвиена со некоја друга виртуелна реалност, која знае да биде огромен проблем, па затоа е потребно практикување афирмативен говор.

За ниската самодоверба, рече дека е најзастапена кај средношколците, нагласувајќи дека покрај митот дека најчесто тоа ги погодува жените, не се помалку опфатени мажите.

„Во последниве година и пол имам засилена посета од загрижени родители на тинејџери, и од друга страна имам тинејџери кои моментално ме консултираат со проблем самодоверба. Мене ме запрепестува и ме поразува фактот тоа што тоа се млади луѓе кои генерално имаат 15-16 години минимум, а веќе се соочуваат со ниска самовредност и ниска самодоверба“, вели Стојменовиќ.

Бојана Стојменовиќ

Таа објаснуваше како анксиозноста, кај една личност не значи дека е иста кај друго лице, потенцирајќи дека се тоа е индивидуално, како и пристапот, третманот и слично.

„Затоа е многу убаво за да не влезете во оној страв дека вас нешто ви се случува во однос на менталното здравје, нешто посериозно како анксиозност, вие прво се испитате на физички и телесен план, за тоа што е она што со мене се случува. И секогаш тоа да го прави стручно лице, не тоа да го прави ‘доктор гугл’, комшиката, мајката, таткото, партнерот, туку секогаш тоа да го прави стручно лице, затоа што анксиозност генерално е само една од болестите, нарушувањата кои што спаѓаат во оние анксиозни нарушувања“, објаснува Стојменовиќ.

За самодовербата и социјалните мрежи пред присутните зборуваше и Кика Авеиро, која започнала т.н. „body positivity“ движење на социјалните мрежи, а истовремено е и „plus size“ модел.

Социјалните медиуми, вели таа, многу влијаат на нашата самодоверба, поради тоа што поставуваат кон што треба да целиме, како да изгледаме, но и често набиваат и комплекси колку треба да бидеме успешни, нашетани и слично.

„Од нас зависи кого ќе следиме и каков ‘контент’ ќе примаме. Знаете, многу често викаат ‘социјалните мрежи се лоши, треба да ги забраниме, децата треба помалку да седат на социјалните мрежи’. Не, социјалните мрежи можат да бидат многу добри ако ги користиме на правилен начин. Ако јас следам луѓе што ме мотивираат, инспирираат, уметници, дизајнери, фотографи, тогаш може многу да помогнат“, објаснува таа.

Славица Арсова, психијатар на Универзитетската клиника за психијатрија, со пример ја објаснуваше анксиозноста.

„Анксиозност значи очекување дека нешто страшно ќе се случи, дека нешто лошо ќе ни се случи на нас или нашите блиски“, рече таа, нагласувајќи дека е проследена со многу други потешкотии – како на психолошки, така и на телесен план.

Се осврна и на антидепресивната терапија. Доколку се зема во неограничени количини, вели таа, можно е да создаде феномени на зависност, и да се појават потешкотии исти како со некои други супстанци кои создаваат зависничко однесување.

„Но, доколку се даваат под контрола на доктор, во одреден временски период, кога се неопходни, тогаш не само што не се штетни, туку напротив се корисни“, вели Арсова.

Професорката по македонски јазик и литература, Татјана Алексиќ  потенцираше дека неверувањето во себе е присутно целиот живот. Во одреден период може да се случи луѓето да се плашат од себеси, да не веруваат во себе, па вели дека тоа претставува тренинг, во кој треба да се преиспита и постави приоритет за тоа што е важно и пресудно.

„Нема самодоверба без читање книги, оној кој чита книги, ќе знае да зборува, оној кој знае да зборува и чита книги ќе знае да пишува, и тој мора да има самодоверба. Лек за самодоверба е огромна количина за љубов и смисла за хумор“, вели Алексиќ.

Искуството со анксиозноста го сподели и Викторија Јаначковиќ, доктор по стоматологија, магистер по воена дипломатија и модел. Таа зборуваше за животното искуство, и како ги стекнувала своите улоги и покрај „кажувањата на другите“.

„Анксиозноста кај мене доаѓа сосема тивко и непредвидливо, во оној момент кога најмногу работам. И морам да ви кажам тоа е сосема во ред. Многу долго се борев со анксиозноста, но сфатив дека уствари се борам со, цело време тоа го зборувам, еден збор што го кажувам никогаш, од страна на луѓето што ми кажуваа никогаш, никогаш, никогаш… И разберете во ред е да сте анксиозни, и во ред е да сте тажни, да имате срцебиење, да се тресете, но немојте да заборавите дека секој пат после тоа – преживувате и супер сте“, потенцира Јаначковиќ.

Додава дека се тоа доведува до самодоверба, а дека секоја добиена „војна“ луѓето се се повеќепосилни.

„Тешко е, исцрпувачко, но има позитивен исход“, вели таа.

 

Мартин Колоски