Првиот воз кој не испушта стакленички гасови ќе почне да сообраќа во 2017 година

Францускиот инженерски гигант Алстом гради патнички воз кој ќе биде напојуван од водородно гориво и литиум-јонски батерии. Возот нема да емитира никакви стакленички гасови, само чиста пареа.

Алстом вели дека Coradia iLint возовите кои ќе работат на водород, веројатно ќе почнат да сообраќаат на германските железнички пруги уште од 2017 година. Целта е постепено да се заменат европските возови кои работат на дизел гориво, кои исфрлаат токсичен чад и јаглероден диоксид во воздухот.

Компанијата ја најави технологијата на саемот за индустрија InnoTrans во Берлин.

И водородното гориво и литиум-јонските батерии се гледани со скептицизам во секторот на превоз. Водородот е екстремно запалив гас, а некои електронски уреди со литиум-јонски батерии досега експлодирале (како Самсунг Галакси Ноут 7).

Но, производителите на вакви автомобили, како Тојота и Хонда, велат дека нивните возила се всушност побезбедни од автомобилите кои работат на гориво,  бидејќи водородот брзо се разложува во атмосферата откако ќе се ослободи од резервоарот. Бензинот, за споредба, протекува, предизвикувајќи поголем извор за голем пожар.

Алстом вели дека Германската федерална железничка служба веќе почнала да ги тестира возоовите, а процесот на одобрување треба да заврши до крајот на 2017 година.

Coradia iLint возовите ќе користат отпад од хемиски фабрики, кои го произведуваат запаливиот гас без мирис како дополнителен производ.