Првиот работен ден на премиерот Борис Џонсон помина со протест

Низ улиците на Лондон вчера се одржа протест против новиот премиер Борис Џонсон и неговите политики.

Протестот беше поддржани од различни граѓански организации, меѓу кои и движењето „Моментум“, кое е тесно поврзано со Лабуристичката партија, главната опозициска сила во британскиот Парламент.

Демонстрантите се собраа на „Даунинг Стрит“, каде им се приклучи и лондонскиот универзитетски професор Енди Јангар со свој говор.

„Влеговме во политичка епоха, во која фактите немаат значење и Џонсон исклучително успешно го користи тоа“, изјави тој.

Претходно, активисти на „Гринпис“ го блокираа патот на Џонсон до Бакингемската палата каде официјално беше назначен за нов премиер. Тие сакаа да му врачат писмо во кое детално опишуваат како да се спречи климатската криза. Но, набрзо беа растерани од полицијата.

 

Џонсон вчера официјално стана премиер на Велика Британија. Сега нему му е ред да најде решение за Брегзит – причината поради која неговата претходничка Тереза Меј, си поднесе оставка.