Прва самостојна изложба на фотографии на Александра Стеваноска

Првата самостојна изложба на фотографии на Александра Стеваноска ќе биде отворена вечерва, со почеток во 19:30 часот, во Јавна соба.

Изложбата е насловена Познато/Непознато, а на неа ќе бидат прикажани фотографии кои се портрет на улични, случајни минувачи, пејсажи и делови од архитектурата. Карактерите на овие фотографии се изолирани и извадени од општествениот контекст, тие се приказни како “фатени” на дело, “фатени” во нивниот процес на создавање или во нивното битисување. Заедничко на сите фотографии е тоа што укажуваат на нешто препознатливо за сите, а сепак непознато.

„Оваа серија на фотографии направени помеѓу 2013 и 2015 година на неколку локации во САД ги долувува контрастните и паралелни приказни на изолираните заедници во Вилијамсбург наспроти животот преку мостот. Лицето на капитализмот рефлектиран во пригушениот сјај на стаклото и челикот на облакодерот гордо се издигнува во насока на конформизмот, материјализмот и губењето на основните човечки вредности наспроти мирните пејсажи на националните паркови во Калифорнија. Националениот парк, кој е обележан и оддвоен со цел да ја задржи својата убавина, кршливост и реткост ја претставува истата убавина и единственоста на една култура претставена преку невиното дете, која со цел да преживее, треба да биде одвоена и изолирана од поширокиот општествен контекст. Градбите, патот кон мистичното и еврејски деца се трите главни елементи кои раскажуваат приказна за изолираниот живот и нудaт поглед одблизу на нешто препознатливо но сепак непознато“, вели за изложбата дизајнерот Горан Сиџимовски.