Протести пред универзитетите во Авганистан откако на жените им беше забрането студирање

Во источниот повеќе авганистански градови вчера избија протести по одлуката на Талибанците да забранат жените да студираат.

Во главниот град Кабул мал собир брзо беше растурен од талибанските војници. Протест се одржа и во источниот град Џалалабад, каде мажи и жени со транспаренти и извици протестираа против забраната. На социјалните мрежи можеа да се видат и видеа од машки студенти, кои во знак на солидарност ги напуштаа испитите.

„Талибанците дојдоа и ни ги одзедоа нашите човекови права. И правото на образование и правото на слобода. Замислете колку фрустрирачки би било за птица која нема крила, а која сака да лета. Правото на образование е крило, не само за мене туку за сите девојки во Авганистан“, вели за Радио Слободна Европа Наџиба, студентка од втора година правни студии на Универзитетот Бамијан во централен Авганистан.

Тамана Азизи, студентка по медицина во северната провинција Кундуз, вели дека нејзините соништа да помага на луѓето како лекар се уништени.

„Многу сум тажна бидејќи вратите на универзитетите се затворени во лицата на девојките. Затворањето на вратите на универзитетите значи затворање на нашата иднина и губење на нашите соништа и аспирации“, додаваа таа.

Кратко по преземањето на власта во август 2021 година Талибанците ветија дека ќе ги задржат правата на жените. Милитантната група тогаш ја убедуваше меѓународната заедница дека нема да се вратат на старите политики на репресија на жените и девојките за време на нивното прво владеење во периодот од 1996 до 2001 година, кога жените не можеа да работат, а девојките имаа забрана за образование. Сепак тие не ги исполнија овие ветувања.

Во првата година на власт девојките добија забрана да одат на училиште по шесто одделение, а жените се обврзани да носат бурка која го покрива целото тело во јавност. Последниве месеци жените добија забрана и за влегување во паркови, теретани и сауни.

И покрај тоа што жените можеа да ги полагаат универзитетските приемни испити пред неколку месеци, професиите каде тие можеа да изберат образование беа строго лимитирани. За нив не беше опција да студираат инженерство, новинарство, ветерина или земјоделство. До вчера универзитетите беа отворени за жените и покрај тоа што правилата налагаа тие да бидат целосно одвоени од мажите преку посебни влезови и предавални, додека професори можеа да им бидат само жени или постари мажи.

Во писмото од 20 декември на Министерството за образование на Авганистан се наведува дека „Владата ја променила нејзината политика за универзитетите и дека женското високо образование е суспендирано на неодредено време“.

Обединетите Нации (ОН) и неколку други джрави ја осудија оваа забрана која го враќа Авганистан во првиот период од власта на Талибанците, кога девојките немаа пристап до формално образование.

„Ова е ново дополнително кршење на правата за рамноправно образование и го продлабочува бришењето на жените од авганистанското општество“, изјави специјалниот известувач за Авганистан во ОН.

Од САД најавија дека овој потег ќе има последици по Талибанците.

„Талибанците не можат да очекуваат дека ќе бидат легитимен член на меѓународната заедница се` додека не ги почитуваат правата на сите во Авганистан. Ниту една држава не може да напредува кога половина од популацијата е спречена да напредува“, рече државниот секретар, Ентони Блинкен.

Талибанците им забранија на жените да студираат во Авганистан