Талибанците им забранија на жените да студираат во Авганистан

Талибанците забранија жените да студираат на универзитетите во Авганистан, чекор кој предизвика осуда од меѓународната заедница и предизвика очај кај младите од земјата.

Оваа регресивна одлука ја најави министерот за високо образование вчера, додавајќи дека забраната ќе почне веднаш.

Забраната дополнително го ограничува образованието на жените, откако девојките веќе се исклучени од средното образование по доаѓањето на власт на Талибанците минатата година.

Во Кабул студентките раскажуваа за Би-Би-Си за нивниот револт.

„Го уништија единствениот мост кој може да ме поврзе со мојата иднина. Како можам да реагирам? Верував дека ќе можам да студирам и да ја променам мојата иднина и да го поправам животот, но тие тоа го уништија“, вели една студентка од Универзитетот во Кабул.

Друга студентка, која е на студиите по шеријатско исламско право, изјавила дека е жена која „изгубила се`“ и дека овие одлуки на Талибанците се во спротивност со исламот.

„Треба да одат во други исламски земји и да видат дека нивните потези не се исламски“, вели таа за Би-Би-Си.

Обединетите Нации (ОН) и неколку други джрави ја осудија оваа забрана која го враќа Авганистан во првиот период од власта на Талибанците, кога девојките немаа пристап до формално образование.

„Ова е ново дополнително кршење на правата за рамноправно образование и го продлабочува бришењето на жените од авганистанското општество“, изјави специјалниот известувач за Авганистан во ОН.

Од САД најавија дека овој потег ќе има последици по Талибанците.

„Талибанците не можат да очекуваат дека ќе бидат легитимен член на меѓународната заедница се` додека не ги почитуваат правата на сите во Авганистан. Ниту една држава не може да напредува кога половина од популацијата е спречена да напредува“, рече државниот секретар, Ентони Блинкен.

Талибанците ветија дека ќе имаат поголемо разбирање за правата на жените откако дојдоа на власт минатата година по напуштањето на американската војска на Авганистан. Сепак тврдокорните исламисти и понатаму продолжуваат да ги одземаат правата и слободите на жените во земјата.

Лидерот на Талибанците, Хибатула Акунџада, и неговиот потесен круг соработници, се против модерното образование, особено за девојчињата и жените. Ваквиот став наиде на опозиција од поумерените функционери и ова прашање беше тема на која имаше големи поделби во власта изминатава година.