Талибанците пукаа во воздух за да прекинат протест на жени кои бараа право на работа и образование

Талибанците денеска во Кабул со огнено оружје пукаа во воздух за да прекинат собир на група жени кои бараа право на работа и образование, речиси една година по доаѓањето на власт на талибанскиот режим.

Агенцијата „Франс прес“ јавува дека околу 40 жени извикувајќи „Леб, работа и слобода“ марширале покрај министерството за образование. Пет минути по почетокот на маршот, талибанските борци испукале рафали во воздух.

Демонстрантките носеа транспарент на кој пишуваше дека 15 август е „црн ден“, односно денот кога талибанците го зазедоа Кабул пред една година.

„Правда, правда. Доста ни е од незнаење“, скандираше толпата пред да биде насилно растерана.

Некои од учесничките на демонстрацијата потоа се засолниле во околните продавниците каде што талибанците ги бркале и ги тепале со кундаци.

„Франс прес“ наведува дека претепани биле и некои од новинарите кои го покривале протестот.