Протест на жени во Авганистан, бараат право на образование и работа во сите сектори

Во авганистанскиот град Херат се одржаа протести на кои жените бараа заштита на своите права во земјата, каде талибанците презедоа контрола над сите институции и поголемите центри, пренесува „Н1“.

Десетици демонстранти се собраа во центарот на третиот најголем град во Авганистан и ги повикаа талибанците и другите релевантни фактори да ги заштитат, односно идната влада да ги заштити нивните права и слободи.

„Држава која не ги поддржува своите жени не може да биде долгорочна“, беше главната порака на демонстрантките која ја испратија од платото пред канцеларијата на гувернерот на провинцијата Херат. „Ниту една влада не може да опстане без поддршка на жените“, гласи уште една од пораките на протестот.

Жените во Авганистан бараат да им се заштитат правото на образование и работа во сите сектори.

Индипендент“ пред два дена објави дека на авганистанските жени ќе им биде дозволено да студираат на универзитети, но дека нема да можат да бидат во иста просторија со мажи и нема да им предаваат машки професори, најави тамошниот в.д. министерот за високо образование.