Цените на бурките во Кабул поскапеа десеткратно

Цените на бурките во Кабул се зголемија десеткратно затоа што жените побрзаа на пазарите да се подготват пред Талибанците да влезат во градот, пренесува „Н1“.

Една жена со која разговарале новинарите на „Си-Ен-Ен“ рекла дека нејзината сестра и мајка делат една или две бурки и дека во случај ситуацијата да се влоши, тие ќе мораат да „набават постелнина или нешто слично, со цел да се направи поголем шал“.

Друга жена пак, објасни дека многу жени не стигнале да отидат до пазарите во неделата, бидејќи сопствениците брзале да стигнат до своите домови, поради влошената ситуација.

Таа исто така рече дека поради неизвесноста, во неделата поминала неколку часа во банка, обидувајќи се да собере што е можно повеќе пари за да го осигура опстанокот на нејзиното семејство во наредните денови.

„Беше толку неочекувано, никој не очекуваше дека ова ќе се случи толку брзо. Дури и луѓето би рекле ‘Кабул може да се брани околу една година’, но борбениот морал е изгубен. Војската само го предаде на Талибанците“, рече таа.

„Нас, жените, не држеа само во куќите. Се боревме со години да не пуштат надвор, дали сега повторно треба да се бориме за истите работи? Да ни биде дозволено да работиме, да ни биде дозволено да одиме во болница сами“, додаде таа.