Помалку жени, без забавни емисии: Медиумската сцена во Кабул трансформирана по преземањето на Талибанците

Познатата водителка на вести Шабнам Давран е една од најпретпознатливите лица во Авганистан. Но, по преземањето на Кабул од страна на Талибанците на 15 август, таа веднаш беше отпуштена и ѝ беше кажано „да си оди дома“ заедно со нејзините колешки, пишува „Радио Слободна Европа“.

Нејзиното место во Радио Телевизија Авганистан (РТА) во Кабул сега го зазеде талибански милитант, кој опкружен со бело талибанско знаме ги чита изјавите на раководството на милитантната група.

„Кога системот се смени, сакав да одам на работа“, објави Давран на 18 август на Фејсбук. „Не ја загубив храброста, но за жал не ми беше дозволено (да работам)“.

„Моите колеги успеаја да влезат во канцеларијата, но ми се заканија и ми рекоа дека не можам да продолжам со работата бидејќи системот се променил“, додава таа во видеото. „Ако светот го слушне мојот глас, треба да ни помогне бидејќи нашите животи се во опасност“.

Просперитетната медиумска сцена во Авганистан беше оценета како едно од најголемите достигнувања во изминатите 20 години, по забраната за независните медиуми кои ја донесоа Талибанците за време на нивниот поранешен брутален режим кој беше соборен во 2001 година.

Во Авганистан сега има околу 170 радио станици, повеќе од 100 весници и десетици телевизиски станици. Под режимот на Талибанците постоеше само едно државно радио, во кое доминираа повици за молитва и верски учења.

Но, веќе постојат застрашувачки знаци дека фундаменталистичката исламистичка група ги враќа назад тешко постигнатите придобивки во полето на слободата на печатот.

Државната телевизија сега емитува соопштенија од Талибанците, рецитации од Куранот и исламски проповеди. Приватните телевизиски мрежи ги отстранија популарните музички и забавни шоуа и странски сапуници од нивната програма.

Меѓутоа, водителка претходно интервјуираше официјален претставник од Талибанците во живот на телевизијата „Толо“, најголемата приватна телевизија во земјата. Во текот на денот, новинарка на „Толо“, исто така известуваше во живо од улиците на Кабул.

Но, останува нејасно дали тоа беше еднократна или поширока промена во ставот на Талибанците кон независните медиуми и жените што работат надвор од своите домови, нешто што е генерално забрането од милитантната група.

Талибанците се обидоа да претстават поумерена слика за нив по преземањето на Кабул, ветувајќи дека ќе го поддржат слободниот печат и правата на жените, во рамките на исламот.