Талибанците прогласија Исламски Емират Авганистан

Талибанците, како што неодамна најавија, објавија формирање на Исламски Емират Авганистан, четири дена откако од Владата го презедоа главниот град Кабул, пренесува „Н1“.

Портпаролот на Талибанците, Забијалух Муџахид преку Твитер објави за формирањето на новата држава, споделувајќи и фотографија од нејзиното знаме со грбот.

Соопштението доаѓа помалку од една недела по падот на главниот град на Авганистан во рацете на исламистичката екстремистичка група.

Муџахид исто така наведе дека формирањето на Исламски Емират Авганистан доаѓа по 102 години откако Велика Британија ја предаде контролата на земјата. Секој 19 август, Авганистан го слави националниот празник со кој се одбележува стекнувањето независност од колонијалната суперсила.

Талибанците долго време го користат името Исламски Емират Авганистан во нивната официјална комуникација.

Екстремистичката група во неделата објави дека ја презела контролата врз Кабул, откако авганистанскиот претседател Ашраф Гани избега од земјата, барајќи засолниште во Обединетите Арапски Емирати.

Во вторникот, во отсуство на Гани, првиот потпретседател Амрулах Салех рече дека во моментов се наоѓа во земјата, и дека според Уставот, тој е вистинскиот лидер сега.