Протест за претепаните студенти од иницијативата „Кров над глава“ во Нови Сад

Активисти од иницијативата Здружена акција „Кров над глава“ од Нови Сад која се противи на принудното иселување на граѓаните и приватните извршители, утре ќе протестираат поради претепувањето на двајца нивни активисти во петокот.

Како што обвинуваат на нивната Фејсбук страницa, во петокот пред Филозофскиот факултет во Нови Сад, студентите Михајло Николиќ и Марко Џелевиќ од иницијативата биле нападните со боксирачи и метални шипки од страна на двајца непознати маскирани напаѓачи кои лепеле плакати на „Српската десница“.

Од иницијативата ги повикуваат граѓаните и студентите заедно да застанат против организираното насилство врз студентите и граѓаните и да им покажат дека не се плашат.

Барањата на протестот се итно пронаоѓање и апсење на луѓето кои ги претепаа студентите и активисти, Филозофскиот и Правниот факултет заедно со Универзитетот да се огласат по повод претепување на студентите и да го осудат нападот, а Министерството за правда веднаш да ги повлече предложените измени и дополнувањата на Законот за извршување и обезбедување.

„ Со овој напад на најдобар начин се разоткрива валканата улога на разоразни десничарски организации кои под директна контрола на „Српската напредна партија“ и режимот и служат за пресметка со неистомислениците и луѓето кои се борат за подобро и праведно општество. Овој напад е добар пример за тоа што ни носи зголемената репресија и решеноста државата да ги криминализира солидарните граѓани со носење на новиот закон за извршување и обезбедување. Крвавите глави на нашите активисти се најдобар доказ за неопходната борба против оние кои профитот и моќта ја ставаат пред животот на сите нас“, стои во нивната објава на Фејсбук.

„Кров над глава“ е колектив кој ги здружува организациите и поединците кои се обединети во борбата за право на домување. Како што се наведува на нивниот веб-сајт, колективот се противи на „исфрлањето луѓе на улица“, особено кога немаат каде да живеат, а исто така се залагаат за укинување на приватните извршители, чија досегашна пракса, како што велат, само ја забрза сиромаштијата и бездомништвото.