Протест во недела за подигање на свеста за жртвите во сообраќајот

Со пораката „Правда за Христијан“, за недела на пладне е најавен мирен протест во скопската населба Гоце Делчев со барања за правда и подигање на јавната свест за бројните невини жртви во сообраќајот.

Протестот го организира Здружението на граѓани „Правда за Христијан“ по смртта на 19 годишниот Христијан, кој на почетокот од октомври возејќи велосипед бил прегазен од автомобил.

Здружението преку нивната фејсбук страна најавува дека преку овој јавен собир сакаат да ги изразат мислењата и да дискутираат за зголемување на безбедноста во сообраќајот – поконкретно за „патот на смртта“ Хиподром – Петровец. На собирот се поканети да присуствуваат и градоначалникот на Гази Баба, како и претставници од државните институции задолжени за саообраќајната безбедност.

„Вреднување на човечкиот живот и подигање на јавната свест, институциите да бидат во служба на граѓаните и правдата, контрола и безбедност на патиштата, превентивни мерки за спречување на сообраќајни несреќи, поголеми казни за сторители на кривични дела“, се барањата кои се потенцирани во најавата на протестот.

Собирот ќе биде поддржан и од иницијативата „На Точак“, кои во недела од 11 часот повикаа со велосипеди да се тргне од Плоштад Македонија до населбата Гоце Делчев.

„Овој серијал на убиства во сообраќајот мора да престане. Скопје е град, не бојно поле. Има начини како да се зголеми безбедноста кои се општо познати, но недостасува волја. Да ги размрдаме малку одговорните“, порачуваат од иницијативата преку социјалните мрежи.