Протест против полициската бруталност утре во Битола

Повеќе организации и здруженија најавија дека утре во Битола ќе протестираат против полициската бруталност, откако пред два дена битолчани од ромската заедница биле брутално претепани од полициски службеници откако направиле сообраќајка.

Протестот е најавен дека ќе почне напладне, а граѓаните ќе се движат од Главната пошта во Битола до седиштето на битолската полиција. Здруженијата потенцираат дека како организатори ќе обезбедат редарска служба, маски и средства за дезинфекција.

Протестот го организаира иницијативата Аваја заедно со здруженијата, Ромалитико, Романо Авази, Ромаверзитас, Баирска Светлина, Сумнал, Ромско Јато. Токму од Аваја го споделија видеото на кое се гледа полициската бруталност на социјалните мрежи, кое предизвика бројни реакции во јавноста.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска соопшти дека полицаецот кој на видеото се гледа како тепа еден од граѓаните добил кривична пријава и суспензија од работното место, додека полицаецот кој го придружувал и не преземал никакви мерки за да го спречи насилството исто така е суспендиран и против него ќе биде покрената дисциплинска постапка.

Невладините организации денеска го осудија полициското насилство и дискриминацијата врз Ромите и побараа итна и темелна истрага.