Протест на студенти во Нови Сад: Не сакаме да плаќаме дополнителни трошоци, немаме и не даваме

Студентски протест под називот „Немаме и не даваме“ се одржа вчера во кампусот на Универзитетот во Нови Сад, каде студентите повторно побараа бесплатно образование.

Стотина студенти првично се собраа пред Ректоратот, по што го започнаа протестниот марш во кампусот, а на крај имаше и обраќања. Тие бараат укинување на дополнителните наплати за редовни услуги и трошоците, кои како што велат, факултетите неосновано ги собираат.

На сите факултети, само за упис се потребни од 5 000 до 8 000 динари, додека проверката на еден семестар чини од 1 000 до 2 300, а пријавата на испитот од 200 до 500 динари.

„Не повикаа од Министерството за образование и Ректоратот, велат да се смириме, дека работите ќе се смират. Ветуваат некаква помош, но ние не сакаме ветувања. Сакаме конкретни решенија, да седнеме со сите декани и ректорот и да донесеме обврзувачки документ кој ќе забрани незаконска дополнителна наплата“, рече студентот Миран Погочар, член на Студентско движење, организатор на протестот.

Со извиците „Крадци“, „Надвор управа“, „Немаме и не даваме“, студентите ги повторија барањата да им се укинат трошоците за упис, пријава на испит и заверка на семестарот, како и услугата за библиотека и читална, трошоците за изработка на труд, издавање на потврди, дипломи и документи.

Студентите зборуваа и за случаите кога нивни колеги мораат да работат две работи за да успеат да го платат факултетот, а дел од нив се откажале од студиите.

„Ни кажаа дека учењето и трудот ќе се исплатат, но не излажаа, бидејќи ова е систем кој работи против своите граѓани“, рече еден од студентите.